Како и на средбите во првенството, Работнички и Кожув и вечерва во финалето на Купот почнаа со испитување на силите. Гевгеличани за првпат стекнаа водство од четири поени предност во 7. минута од дуелот (16:12).
Дунѓерски и Шепа се обидуваа резултатски да го одлепат Кожув, но Мираковски и Димчевски не дозволуваа Работнички уште од почетокот да мора да брка висока негатива. Првата четвртина заврши 20:18 за Кожув.
Израмнето се играше и во вторите десет минути, а Работнички за првпат стигна до водство во 15. минута, кога Мираковски уфрли пет поени во серија и тимот од Градски парк поведе 27:28. Сепак, до крајот на првиот дел, Јанушевиќ и Бјелиќ му донесоа два коша предност на Кожув (34:32). Токму Јанушевиќ со 12 поени беше најефикасен кај Гевгеличани во првиот дел, а Чековски до 9 го водеше Работнички.
Слично како и вчера вечер против Куманово, Работнички додаде гас во 25. минута и преку Соколов и Гечевски стекна пет поени предност (35:40). Од тој момент, Работнички направи серија 9:1 и водство кое не го испушташе до крајот. Веќе во 30. минута центарци почнаа да го осигуруваат деветиот трофеј во Купот и стекнаа недостижна предност 46:61.
На крајот, Работнички заслужено се закити со деветиот трофеј од Купот во својата клупска историја и сега има два повеќе од вечниот ривал, МЗТ Скопје кој има седум.
Најзаслужни за големото славје на крајот беа Ѓорѓи Чековски (18 поени, 6 асистенции и 5 скокови, Тодор Гечевски уфрли 9 поени со 11 скокови, а Миљан Павковиќ одигра одлична вечер со 16 поени. Кај Кожув, најефикасни беа Јанушевиќ со 15 и Дунѓерски со 13 погодоци.