Прв гостински триумф за МЗТ во Јадранската лига

По големата победа против Црвена Звезда, македонскиот шампион влезе мотивиран на дуелот во Крагувеац каде тотално доминираше и заслужено славеше против кошаркарите на Раднички со 69:79.

Во воведните 10 минути од мечот се играше неизвесна кошарка, а водството постојано се менуваше кај двете екипи. Резултатот во првиот период изнесуваше 21:20, а Зоран Мартич веднаш му даде шанса на новото засилување на МЗТ Скопје од САД, Карл Џонс.

Стратегот на Аеродромци посочи дека и на овој меч клучен сегмен од играта ќе биде одбраната, а таа почна одлично да функционира во втората четвртина во која нашите кошаркари беа доминантни и ја добија со 28:16.

Во нападот најмногу функционираше шутот за два поени со скоро 70% реализација во првото полувреме, а со помош на сериите од 6:0 и 5:0, Металците имаат водство на паузата во Крагуевац од 37:48.

Во третиот период кошаркарите на МЗТ повторно играа одлична одбрана, а Мартич извади максимум од клупата за резервни играчи кои имаа голем придонес во играта на овој меч.

МЗТ постојано ја одржуваше предноста во третиот период која за момент домаќините ја стопија и стигнаа до -3, но на околу 3 минути до крајот следуваше серија од 10:2 за македонскиот првак кој повторно направи двоцифрено водство од 51:62.

Нашиот претставник во АБА лигата немаше пад во играта и со многу стабилност го одржа водството во последните 10 минути со што стигна до првата гостинска победа, вкупно шеста во 13 коло од ова регинално натпреварување.

До двоцифрен број на поени стигнаа петмина кошаркари. Најпрецизен беше Гечевски со 13, Дејвис имаше 12, Лучиќ и новиот плејмејкер Дејвид Џонс по 11 и Дамјан Стојановски оствари 10 поени.

21 декември 2013 - 20:51