Машката кошаркарска селекција на Југославија во 1995. година го освои европското злато, а во Белград им беше приреден дочек на кој би можел да позавиди и Јосип Броз Тито.
За време на подготовките во Солун за ОИ во Барселона 1992. година, во кампот на Jугословенската селекција стигнала нота за санкциите кои ќе следуваат и забраната за учество во екипните спортови на меѓународните натпреварувања. Со упорноста на Душан Ивковиќ кој секое лето ја собирал екипата, Југославија ќе се појави на Акрополис купот во Грција и ќе го сочува државниот тим на едно место и четири години после санкциите.
Со дополнителна одлука на ФИБА да ја прошири листата на учесници на ЕП во Грција од 12 на 14, дадена им е шанса на актуелните европски и светски шампиони да се вратат на голема врата низ квалификациите во Софија. Ивковиќ на тој начин успеал за 10 дена да ги среди играчите од напорните клупски сезони и да тргне со нив во Атина.
Југославија на тоа првенство стигна до финалето каде ја совлада Литванија на убедлив начин, по што играчите се вратија дома како живи легенди. Од белградскиот аеродром па сè до центарот на градот, близу 100.000 луѓе ги поздравуваа шампионите од улиците, а кулминацијата на прославата се случи на терасата од градското Собрание, каде навивачите им оддадоа почит.
Токму таа кошаркарска селекција ја „измисли“ терасата на која после секој голем колективен или индивидуален успех граѓаните на Белград ги пречекуваат успешните спортисти. Вечерва како 20. години јубилеј од Атинската титула целиот тим на тогашна Југославија повторно се качи на терасата и симболично ги поздрави граѓаните на Белград.
Инаку, најдобриот кошаркар на составот, Александар Ѓорѓевиќ (уфрли 41 поен и дури 9 тројки во финалето против Литванија), тогаш од Атина заминал на меден месец без да претпостави што ќе се случува после неколку часа во Белград.
Сепак, легендарниот Сале ги искористи следните три прилики да се качи на фамозната тераса и тоа после среброто на ОИ во Атланта, златото на ЕП во Барселона како и златото од СП во Атина, три години по ред. Саша Ѓорѓевиќ на терасата се качи и минатата година како селектор на светскиот вицешампион.
Во меѓувреме, на терасата се качуваа Новак Ѓоковиќ по освојувањето на Вимблдон, Ана Ивановиќ по триумфот на Ролан Гарос, српските одбојкари, одбојкарки и ватерполисти, како младите фудбалери до 20 години кои го освоија СП на Нов Зеланд.