А во ноќта меѓу недела и понеделник се случи најдолго очекуваното враќање во лигата: првпат после 941 дена отсуство топка во раце фати трикратниот НБА шампион и еден од најдобрите играчи во историјата на оваа лига, Клеј Томпсон.
Ѕвездата на Вориорс прво се соочи со тешка повреда, скинати лигаменти за време на меч од финалната серија во 2019-та година, а после пред почетокот на сезоната 2020/2021 ја повреда и ахиловата тетива на десната нога.
Едниот од врвниот тандем „Сплеш брадрс“ со Стеф Кари, паузираше две и пол години. И сега се врати и одново покажа зошто е мајстор на баскетот.
Клеј Томпсон последниот меч го играше на 13 јуни 2019 година. Многумина сметаа дека после толку сериозни повреди веќе никогаш нема да заигра на исто ниво.
Единствено навивачите, соиграчите и стручниот штаб на Вориорс веруваа во силата на Томпсон кој ја демонстрираше на мечот со Кливленд. Клеј беше во стартниот состав против ривалот со кого водеа големи битки во неколку финални средби.
„Мене многу пати ме прашуваа што мислам да правам со Клеј? Тоа е Клеј Томпсон. Ако си способен да уфрлиш 60 поени за 29 минути, тренерот е обврзан да те пушти во стартниот состав“, изјави големиот тренер Стив Кер, од неодамна и селектор на САД.
За 20 минути на паркетот Томпсон уфрли 17 поени (7/18 од игра), 3 од 8 за три поени. Последната погодена тројка на мечот му беше јубилејна 1.800-та во кариерата.
Клеј го имаше и забивањето на вечерта, откако „закуца“ преку противнички кошаркар и ја доведе арената во еуфорија:
Томпсон се уште има проблеми со брзината и брзите реакции кои сега му се најголем предизвик во процесот на кревање на формата. Но има доволно време до стартот на плејофот кој почнува за три месеци.
Голем удел во триумфот на Вориорс 96:82 имаше и кој друг ако не Стеф Кари со 28 поени, како и Кевон Луни со 18 скока (9 во напад). „Толку многу среќен сум сега! Толку среќен што можам да погледнам во протоколот на мечот и да го видам своето име таму. Беше прејако. Вредеше работа секој ден со тренерите. Поминав долг пат и горд сум на својата упорност“, изјавил Томпсон после мечот.
Прочитајте уште и: