Почнува Плејоф шоуто во НБА, кој против кого?

Плејоф лудницата во најдобрата светска лига започнува викендов, а ќе гледаме неколку мега-дуели како оној на Леброн против Пол Џорџ, Харден против Вестбрук или Антетокумпо против ДеМар Дерозан.

Шампиони на конференциите се: Бостон на Истокот и Голден Стејт на Западот. Бостон го презеде лидерството од Кливленд а Индијана и Чикаго го фатија последниот воз за плејофот. Мајами не успеа и нема да игра во доигрувањата.

Првите средби ќе се играат веќе од викендов, од 15. април а дербито на првото коло без сомневање е дуелот меѓу Џејмс Харден и Расел Вестбрук.

ПАРОВИ НА ПЛЕЈОФОТ:

Бостон Селтикс (1) - Чикаго Булс (8)

„Детелините“ играат сјајна сезона и заслжено го освоија првото место на Истокот после цели девет години (тогаш ја освоија и титулата). Во првата рунда ќе одат на „Биковите“ кои едвај некако се пласираа по триумфот над Бруклин.

Првиот меч се игра во недела на 16-ти април од 00:30 после полноќ.

Кливленд Кавалирс (2) - Индијана Пејсерс (7)

И покрај доминацијата, Кливленд на крајот мораше да се задоволи со второто место на Истокот: епилог кој ни носи дуел Леброн Џејмс - Пол Џорџ. „Кралот“ сезонава ќе се обиде да стигне до седмото финале на НБА по ред што би било рекорд. Индијана се квалификуваше во последното коло по победата над Атланта. Првиот меч во Кливленд, во сабота од 21:00.

Торонто Репторс (3) - Милвоки Бакс (6)

Канаѓаните ќе мора да играат против неверојатниот Јанис Антетокумпо кој сам ги однесе Бакси во плејофот. Сезонава Торонто води со 3-1 во победи, но последната ја доби Милвоки така што се е отворено на овој двомеч. Првиот дуел е во сабота од 23:00.

Вашингтон Визардс (4) - Атланта Хокс (5)

Тимот од главниот град стигна до плејофот после фантастичниот втор дел од сезоната, тренд кој не може да се каже за Атланта која што играше „топло-ладно“ цела сезона. Визардс славеше на три од четирите средби, но тоа не значи дека некогашната екипа на Перо Антиќ ќе се предаде. Ќе отворат во недела на 16-ти од 19:00 часот. 

Голден Стејт Вориорс (1) - Портланд Трејл Блејзерс (8)

Блејзерс го освоија осмото, последно место кое води во доигрувањето пред неколку дена кога го оставија Денвер без плејоф. Лилард и компанија ќе играат во првата рунда против најдобрата екипа во лигата: Голден Стејт на Стеф Кари, Клеј Томпсон и опоравениот Кевин Дурант. Во регуларниот дел од сезоната вицешампионот ги доби сите четири средби, а сега ќе има можност да поведе 1:0 во недела од 21:30.

Сан Антонио Спарс (2) - Мемфис Гризлис (7)

Спарси како и лани, така и сезонава пак ќе играат против Мемфис Гризлис и големи фаворити се за пласман во следна рунда. Марк Гасол и компањоните ќе имаат тешка задача против Кавај Леонард кој одигра за МВП сезонава. И покрај тоа што тимот на Грег Поповиќ е голем фаворит, Мемфис сезонава два пати ги доби „Мамузите“ така што ќе се обиде да ги изненади и во плејофот.

Хјустон Рокетс (3) - Оклахома Сити Тандер (6)

Сигурно најголемо дерби на почетокот од плејофот. Ќе се судрат двајцата кандидати за МВП титулата на регуларниот дел: Џејмс Харден против Расел Вестбрук. Сезонава Хјустон доби три од четири меѓусебни средби со Оклахома. Почнуваат недела наспрема понеделник во 3 часот.

ЛА Клиперс (4) - Јута Џез (5)

Факторот домашен терен овојпат ќе го има Клиперс кој го победија Сакраменто во последното коло и се изборија за 4. место. Противник ќе им биде Јута Џез која што сезонава игра најдобра кошарка во последните неколку години. Ќе се тргне со два меча во Стејплс Центарот, а првиот е закажан за 4:30 меѓу сабота и недела.