Победнички старт за МЗТ во новата година

Македонскиот шампион релативно лесно и доминантно го одигра првиот меч од Јадранската лига во 2014 година и со 73:63 им вратија на кошаркарите на Шолнок од Унгарија во 15 коло од ова регионално натпреварување.

Очигледна беше желбата кај кошаркарите на МЗТ Скопје триумфално да ја стартуваат новата година во АБА лигата и да останат во горниот дел од табелата во друштво на првите седум екипи. Тоа го најавија уште во воведните 10 минути во кои се наметнаа веднаш како фаворити и поведоа со 19:11.

Во вториот период имаа постојана едноцифрена предност која изнесуваше најмногу +9, но во последните минути од првото полувреме имаа проблеми во играта и потрошија многу топки во обидот за три поени каде имаа слаба реализација 4/13.

Најиндиспонирано во првиот дел делуваше Дамјан Стојановски кој погоди 1/5 во обидите за три поени, а по слабата реализација во втората четвртина „Металците" имаа само четири поени предност на полувремето од 35:31.

МЗТ ја подобри играта во третиот период во кој го одржа водството кое најмногу изнесуваше +11, но на стартот од последната четвртина кошаркарите на Шолнок стигнаа до -3. По брзата серија од 9:0 тимот од Аеродром повеќе не дозволи да се доближат гостите и на крајот триумфираа со 73:63.

Зоран Мартин неочекувано им даде помала шанса на домашните играчи Гечевски, Чековски и Стојановски кои се носители во играта на македонскиот шампион, а за сметка на тоа ги пушти во игра повеќе странските кошаркари.

Голема минутажа уште на деби мечот добија двете најнови засилувања Сеад Шеховиќ кој беше најпрецизен на мечот со 18 поени и Александар Цветковиќ кој постигна 10 коша. Третиот кошаркар со двоцифрен број на поени беше Маринковиќ кој додаде 11 поени.

3 јануари 2014 - 22:08