Калдерон, Шамперт, Кармело, Барњани, Стадемаер, Далемберт и ЏР Смит се играчите кои треба да го понесат најголемиот товар сезонава во тимот на Њујорк Никс.
Олеснителна околност на овие кошаркари е што за тренер ќе го имаат Дерек Фишер, легендарниот играч на ЛА Лејкерс а од сезонава за првпат тренер во НБА лигата.
Најголемо засилување годинава, Никси имаат на функцијата претседател, затоа што Фил Џексон стана прв човек на тимот од Медисон Сквер Гарден.
Иако се соочува со прво искуство како претседател на една НБА франшиза, Зен мајсторот Џексон е гарант за успех, а тоа го докажа откако успеа да ја сочува првата виолина на екипата, Кармело Ентони, кој беше цел на голем број тимови од лигата.
За Х фактор годинава, Никси треба да го имаат ЏР Смит, најдобриот шести играч за минатата година, човек кој често од сенка се наметнува како поддршка на Мело.
Во ситуација кога титулата е само сон, плејофот е императив за Њујорк Никс, франшиза која не смее да си дозволи уште една година да остане со куси ракави.
Никси сезоната ја отвораат против Чикаго Булс на 29. октомври.