Во завршницата на фајнал-фор турнирот од најелитното европско клупско натпреварување кое се одигра во Лондон, Олимпијакос и Реал Мадрид одиграа фантастичен натпревар по кој грчкиот тим втора година по ред се закити со победничкиот пехар.
Двете екипи тргнаа фуриозно на стартот и играа брз кошарка, но кошаркарите на Реал Мадрид имаа многу подобра реализација (3/4 за 3 поени) и одиграа одлично во одбраната (4 блокади) по 5 минути игра веќе имаа двоцифрена предност (5:15).
Кошаркарите на Реал Мадрид одиграа перфектно во првата четвртина и по првиот период имаа големо водство од 10:27.
На стартот од втората четвртина благодарение на добра игра во одбрана и една тројка на Антиќ, Олимпијакос направи серија од 8:0 и намали на 18:27.
Во оваа четвртина Антиќ постигна 7 поени и Олимпијакос ја доби со 27:14 и од -17 на полувремето стигнаа на негатива од само 4 поени (37:41).
Еден од најдобрите кошаркари на Олимпијакос, Василис Спанулис во првото полувреме не постигна ниту еден поен, но на стартот од вториот дел реализираше 3 тројки во серија, а Олимпијакос во овој дел за прв пат дојде во водство (45:43).
Во третата четвртина Олимпијакос стигна до својата највисока предност од +6 (52:46), но во последниот дел од натпреварот екипите влегоа со израмнет резултат (61:61).
На стартот од последниот период кошаркарите на Олимпијакос направија серија со 9:1 за предност од 70:62. Реал Мадрид се обиде да се врати во игра, но Олимпијакос ја одржуваше предноста за конечни 100:88 и трета европска титула во историјата.
Перо Антиќ уште еднаш одигра одлично во одбраната и во организацијата на нападите и имаше учинок од 10 поени, 6 скокови и 2 асистенции.
Прв стрелец на натпреварот беше Спанулис со 22 поени, а Ло постигна 20. Најефикасен во поразениот табор беше Родригез со 17 поени.