Осум минути за Антиќ на официјалното деби во НБА

Го дочекавме и тој ден. Македонија и официјално стана дел од НБА лигата преку Перо Антиќ кој ги одигра првите осум минути за кои остана без поени при поразот на Атланта на гостувањето кај Далас.

Перо Антиќ одигра 7 минути и 50 секунди на отворањето на 68-та сезона во НБА лигата, но остана без поени при поразот на Атланта од Далас со 118:109. Антиќ имаше по еден неуспешен шут за два и три поени, а оствари и два скока.

Кошаркарите на Атланта се држеа во првото полувреме, но во третата четвртина Далас направи серија од 17:4 и ја презеде контролата на паркетот, за на крајот да ја забележи 21-та победа на 29-от меѓусебен дуел.

Најефикасен во редовите на Атланта беа Џеф Тиг со 24 и Пол Милсап со 20 поени, а кај Далас се истакнаа Елис со 32 и Новицки со 24 поени.

Во сабота наутро во 00:30 часот по наше време, Атланта ја пречекува екипата на Торонто Репторс.

На денешните натпревари беа забележани следните резултати:

Кливленд - Бруклин 98:94
Филаделфија - Мајами 114:110
Торонто - Бостон 93:87
Детроит - Вашингтон 113:102
Њујорк - Милвоки 90:83
Њу Орлеанс - Индијана 90:95
Хјустон - Шарлот 96:83
Минесота - Орландо 120:115 (103:103)
Далас - Атланта 118:109
Сан Антонио - Мемфис 101:94
Јута - Оклахома Сити 98:101
Феникс - Портланд 104:91
Сакраменто - Денвер 90:88
Голден Стејт - ЛА Лејкерс 125:94

31 октомври 2013 - 08:22