Не помогна ни Боби Митев, МЗТ Скопје повторно поразен

Тренерската смена не ги размрда кошаркарите на МЗТ Скопје, кои го загубија и петтиот натпревар во АБА лигата. Партизан во Белград беше подобар за 15 коша (65:50). 40-ина членови на Фемили на полувремето влегоа во салата.

По шест кола во АБА лигата, и МЗТ и Партизан влегоа во дуелот со ист учинок, 4 порази и 2 победи. За разлика од претходните натпревари, МЗТ Скопје растеретено го почна натпреварот и со поените на Дамјан Стојановски и Марко Симоновски ја доби првата четвртина со 15:11.

Иако домаќините имаа само 20% шут од поле, во еден момент се разигра 17-годишниот Вања Маринковиќ, кој со 3 тројки по ред и ефектно забивање го крена својот тим. По серијата поени на двете страни, на полувремето се замина со 29:29.

На почетокот од второто полувреме во салата Пионир влезе и група од 40 навивачи на МЗТ, кои ја разбудија домашната публика. Сепак, не ги разбудија и своите кошаркари, кои по петти пат сезонава играат подобро прво од второ полувреме.

Резултатот од првиот дел како да не ги мотивираше доволно „металците“, кои имаа криза во играта во продолжението. Тоа го искористија Лука Богдановиќ и младиот Маринковиќ и Партизан на 4 минути пред крајот на третиот квартал отиде на убедливи 17 поени разлика.

Играчите на МЗТ не ја потврдија добрата одбрана од првите две четвртини, а во нападот единствено Стојановски колку толку се обидуваше да ги врати аеродромци во игра. На крајот, убедлива победа на Партизан 65:50, кој по вечерашниот триумф има 3 победи и 4 порази, а „штрковите“ сега се на 5 порази и 2 победи.

Само Дамјан Стојановски со 10 коша беше двоцифрен кај МЗТ Скопје. Урош Лучиќ, Марко Симоновски и Иван Маринковиќ постигнаа по 7 коша. Во победничката екипа, Вања Маринковиќ со 20 коша беше најефикасен на мечот, а Никола Милутинов уфрли 9 поени.

Во следното коло, на 17. ноември, МЗТ Скопје го пречекува тимот на Металац.

8 ноември 2014 - 22:55