НБА играчот кој никогаш не настапил трезен e зад решетки

Искрениот Кеон Кларк кој настапувал за четири НБА екипи и признал дека секогаш пред да го фати баскетот прво се фаќал за чашката, ќе оди во затвор. Обвиненијата не му се поради алкохол, туку поради трговија со дрога и оружје.

Да станеш дел од најквалитетната кошаркарска лига е сон на секој играч, а на овој кошаркар тоа му се случило во 1998 година кога бил избран за 13 пик на драфтот од тимот на Орландо Меџик. Но кариерата му траела кусо, затоа што наместо да мисли да баскет тој правел криминал.

Во интервју дадено пред шест години признал дека не настапил трезен на ниту еден меч, па не е ниту чудно што НБА кариерата му траела само седум години. За време на славата покрај со зависноста од алкохол почнал и да се дрогира, а поради трговија со оружје и дрога доби осум годишна казна затвор.

"Луѓето мислат дека парите и славата ќе ти го направат животот подобар, но мене само ми направија проблеми, а потоа и ми ги зголемија. Можеше да биде и многу полошо, но сега ќе биде многу подобро", кажа проблематичниот кошаркар по изрекувањето на пресудата.

Со алкохолот почнал да се дружи уште од средношколските денови, а откако станал дел од НБА лигата, тоа го правел за време на полувремињата.

Проблемите со судот му почнале уште во 2006 година кога добил 2 и пол годишна казна затвор поради нелегално поседување на пиштол и користење на марихуана, но бил пуштен условно по само шест месеци. По две години повторно го вратиле зад решетки со образложение дека не ја почитувал условната казна.

Во НБА настапувал за екипите на Денвер Нагетс, Торонто Репторс, Сакраменто Кингс и Јута Џес и одиграл вкупно 353 меча. За неговото црно минато се кае и по сите искуства вели дека сега може низ својот пример да им помогне на младите за да не скршнат по тој погрешен пат.

5 декември 2013 - 18:06