НБА ѕвезда што како мал немал што да јаде, па играл уличен баскет 1 на 1 во пари за да купи храна

Има многу големи НБА играчи кои сега се милионери но кои во детството и младоста имале многу лош живот во растурени семејства, па во така несигурни економски состојби морале да прават сè што било потребно за да земат некој долар и да имаат макар една чинија оброк.

Таков е случајот со Крис Дан за кого во догледно време сигурно ќе гледаме некоја документарка или игран филм. Патот низ кој поминал го заслужува тоа во целост.

Крис Дан до 16 октомври беше кошаркар на Мемфис Гризлис а сега е слободен агент во потрага по нова средина. Во богатата кариера играл уште и за Минесота Тимбервулвс која го избрала како 5-ти пик на НБА драфтот 2016. Играше и за Чикаго Булс и за Атланта Хокс.

ЖИВОТ КОЈ НЕ ГО ГАЛЕЛ МНОГУ

Приказната на Крис Дан е тажна колку што е и инспиративна. Кога имал 9 години, Крис и неговиот постар брат Џон (13) живееле во Вирџинија и имале пеколно страшно детство.

Живееле со мајка им Пиа Џејмс која побегнала од нејзиниот маж Џон Селдон од Њу Лондон, Конектикат во Вирџинија.

Браќата Крис и Џон Дан во новиот мизерен дом немале кабловска телевизија, многу пати немале топла вода, но тоа не им било најголема грижа. За нив тоа било нормален живот, единствен живот кој го знаеле.

Мајка им често била апсена и приведувана од полицијата, а децата се навикнале на тоа зошто таа секогаш правела невољи: правела измами со кредитни картички, возела во пијана состојба итн. Секогаш се враќа после неколку дена во притвор, но еден ден отишла и долго време не се вратила. Просто ја снемало.

Ова го натерало постариот брат Џон да се грижи за Крис иако имал само 13 години. Без мајка која би им донела храна или пари да купат храна, Џон и Крис морале да се снаоѓаат како знаат и умеат само за да преживеат.

Продавале дел од својата облека и патиките Air Jordan по ниска цена, за да можат да соберат пари да јадат нешто. Постариот бран Џон во блискиот парк играл „шибицарење“ со коцки со цел да заработи некој долар.

„ЕДЕН НА ЕДЕН“ ПРОТИВ ПОСТАРИ ДЕЧКИ ЗА ПО 20 ДОЛАРИ ОД ПАРТИЈА

Малиот Крис Дан имал два начини да стигне до парче леб. Едниот да се тепа против полнолетните дилери на дрога кои лутале по нивното маало за да им украдат тоа малку пари што имаат. А вториот, помалку насилен начин бил да игра уличен баскет „еден на еден“ со постари деца, во 20 долари по утакмица.

Крис понекогаш немал пари за да се клади, ама играл и цврсто верувал во победа. Понекогаш нормално губел, ама во таква ситуација изборот му бил: или да бега или да се тепа. 

Уште се сеќава на тие пеколни денови од детството: „Беше тоа буквално пекол. Веројатно немаше ниеден ден да бевме насмеани. Во најдобар случај бев горе на кров, а понекогаш бев доле на земја“, се сеќава Крис.

Го баталиле школото за да може да заработуваат за леб, а тоа ги натерало одговорните служби и центри да се обратат во полицијата за да ги лоцира и да ги смести во адекватни домови.

Но браќата никогаш не отворале врата на полиција од страв дека ќе ги одвојат во сиропиталишта. 

Мајката на Крис го напуштила татко им кога Крис уште бил бебе. Мајка им Пиа подоцна го барала Џон Селдон да им се врати, но тој никогаш не ги контактирал.

Целата приказна почнала кога тој еден ден се вратил дома и куќата била празна. Целото семејство исчезнало без трага. Се обидел да ги лоцира децата во следните осум години, одел дури и на суд, но немал никаква корист од тоа.

Мајка им Пиа, еднаш ја осудиле на долга затворска казна, па во очај да им помогне на децата, попуштила и го побарала тако им Џон кој прифатил да се сретне со постариот син.

Овојпат не сакал пак да ги изгуби своите деца. Постариот син неколку пати ѕвонел од мобилниот на тако му, па така овој успеал преку деталните сметки да ги открие броевите каде вртел постариот син и преку контакт со нив, да успее да дознае на која локација живеат децата без мајка им која е во затвор. Тогаш дознал дека Пиа е осудена на затворска казна, со децата отишол на суд и докажал дека тој ќе се грижи за нив после што добил старателство над Крис и Џон Дан.

КРИС НЕ ГО ЗНАЕЛ, ПА БИЛ НАСИЛЕН СО ТАТКО МУ

Малиот Крис, исчеличен од тепачките од детство и страшните пеколни настани во крајот каде живеел, немал доверба во никого.

Кога татко им Џон Селдон еден ден дошол да ги најде дома каде што ги лоцирал, Крис бурно реагирал кога татко им ја турнал вратата за да влезе дома. Зграбил едно стаклено шише со лут сос и тргнал да го удри во глава Селдон не знаејќи дека тоа е тако му кој не го видел никогаш во живот.

Џон морал да го смири брат му Крис така што му кажал дека човекот што стои пред нив им е татко.

По краток разговор, Џон ги убедил во подобар живот и ги однел веднаш без чекање и без размислување во Конектикат. На малиот Крис му било тешко да се прилагоди таму, но:

„Јас сум тип на човек кој никому не верува. Морав да го изградам тој однос и таа доверба со татко ми, а он беше многу добар во тоа. Не пробуваше премногу да притиска“, се сеќава Крис Дан.

На крај конечно пронашол сигурност и безбедност во својот нов живот со татко му, маќеата, десетгодишниот полуврат и двете помали полусестри. 

Работите конечно тргнале на многу подобро, посебно во средношколскиот спорт кој во САД е следен на едно многу високо и сериозно ниво.

Крис успеал да заврши основно школо, па се запишал во средно во New London High School во Конектикат. Татко му повеќе сакал американски фудбал и пробал да го убеди син му да игра посилен спорт, но овој бил посветен само на кошарката која буквално му носела леб како мал.

Уште од почеток во средно школо бил најдобар и најдоминантен плејмејкер, организатор на игра. Во 2010/2011 во просек давал по 26,5 поени за средношколскиот тим, имал 10 скока и по 5 асистенции по натпревар. Благодарение на него, екипата го освоила државното јуниорско првенство.

Станал број 1 играч во цел Конектикат па веднаш ги заинтересирал големите колеџ екипи и НБА скаути. Се запишал на колеџот Провиденс кој имал просечен кошаркарски тим но таму на клупа седел тренер кој многу му помагал во животот и во кошарката.

Во првата сезона го повредил рамото па морал да се оперира па во таа 2012-та одиграл само 25 средби и дал по 5,7 поени по натпревар. Иста повреда на истото раме му се случила и во втората сезона кога пак пропуштил многу средби во колеџ лигата. Во меѓувреме браќата дознале дека мајка им ненадејно починала и тоа го потресло Крис.

Сите овие проблеми и маки го направиле посилен па кога се вратил во третата сезона, 2014/2015 тој станал најдобар играч во цела лига со по 15,6 поени, 5,5 скока и 7,5 асистенции во просек по меч и ги добил наградите надобар играч и најдобар дефанзивец во Биг Ист (само он и легендарниот Патрик Јуинг во Џорџтаун во 1985 го добиле ова признание два пати по ред).

Во 2016-та решава да се појави на НБА драфтот и го бираат од многу високата 5. позиција. Потпишува со Минесота Тимбервулвс, а неколку денови откако е избран, изнајмил камион и го наполнил со 200 ранци кои ги подарил на сите деца во неговото средно школо каде пораснал и созреал.

Неколку дена подоцна истиот камион се вратил во школото полн со пици за сите. Интересно, пред да го одигра својот прв, дебитантски меч во славната НБА, Крис на сите машки и девојчиња во средното училиште каде учел им купил кошаркарски комплети.

Во дебитантската сезона во Минесота Тимбервулвс не играл многу (на дебито против Мемфис Гризслис уфрлил 8 поени, а само неколку дена подоцна против истиот тим дал 10 поени со 6 асистенции и 5 украдени топки). Најдобар меч во Тимбервулвс му бил на 6 декември 2016-та против Сан Антонио Спарс кога дал 15 понени.

Во јуни 2017-та година бил дел од голем трејд (размена на играчи) па со Зак Лавин и правата на Лаури Марканен (7. пик на НБА драфтот 2017), отишол во Чикаго Булс во замена за Џими Батлер и Џастин Петон.

За Булси дебитирал на 28 октомври 2017 со дури 17 поени, 9 асистенции и 7 скока во триумфот против Њујорк Никс (со негови две погодени слободни фрлања на 2 секунди до крајот Чикаго славел победа). По една повреда во 2018-та година пропуштил неколку околу седум недели.

Во 2020-та година потпишал договор со Атлана Хокс за која играл само четири меча во сезоната 2020/2021. Пропуштил дури 63 натпревари поради повреди и операции.

Во месец август 2021 Крис Дан бил трејдан во Бостон, па завршил во Мемфис Гризлис во септември, за да оваа франшиза му го раскине договорот пред почетокот на сезоната, на 16 октомври.

Крис Дан сега е слободен играч во потрага по нова екипа. Можеби ќе добие понуда од некој НБА тим, можеби ќе се проба во Европа во нова авантура, којзнае. Но што е поважно, веројатно никогаш нема да го заборави патот низ кој поминал од дното до врвот.