На вајарот да му се одземе и лиценца и да му се забрани работа

Не е прв а сигурно ни последен пат, ама во последно време многу статуи и вајарски фигури не изгледаат ни приближно слично како луѓето на кои се наменети. Како на пример онаа на легендарниот Двејн Вејд.

Двејн Вејд беше една од најголемите НБА ѕвезди пред неколку години. Трикратен шампион, олимписко злато со САД, МВП и 13-пати учесник на Ол-Стар. Апсолутно заслужено доби статуа пред салата на Мајами Хит каде играше од 2003-та година кога го избраа на драфт.

Во неделата се одржал настан пред „Касеја Центар“ каде била откриена првата статуа на еден кошаркар на Мајами Хит во 37-годишната историја на франшизата.

Откривањето на статуата, свечениот настан беше најавен уште пред неколку месеци а истиот го одблежале прекрасен огномет, музички настапи и еден момент кој ги шокирал сите.

Прво самиот Двејн Вејд лично бил шокиран кога си го видел ликот на статуата која воопшто не личи на него:

„Ова е лудо. Не можам да поверувам. Кој е овој тип?“

На интернет веднаш се појавија бројни коментари во кои луѓето се чудат како е можно некој да направи толку голема утка. „Треба да си ги рефундираат парите назад од кој и да го извајал ова“, „Вејд не заслужи вакво нешто“, „Изгледа ко да е фацата на Шек на телото на Вејд“ се само некои од коментарите на Икс.

Автори на делото се скулптори од Студио Ротблат Амрани кое досега изработело преку 300 бронзени скулптури. Три од нив се посветени на Мајкл Џордан и Коби Брајант (2). Над статуата на Двејн Вејд работеле Оскар Леон и Омри Амрани, а Џулија Ротблат Амрани работела со сопругот Омри над статуите на Коби и Џордан кои изгледаат добро и прецизно за разлика од оваа срамна на Вејд.

Статуата на Џордан наречена The Spirit (духот) е околу четири ипол метри и е внатре во Јунајтед Центар салата во Чикаго. Таа е поставена во чест на првото пензионирање на Џордан во 1994-та и била прво вакво големо дело на студиото.

Потоа била изработена онаа на Коби Брајант која е повисока од таа на Џордан и Вејд и го одбележува незаборавниот момент кога Коби даде 81 поен на еден натпревар во 2006-та. Во август годинава беа изработени и статуи на Коби и ќерка му Џиџи.

Авторот на статуата, Оскар Леон за 7 Њуз Мајами раскажал дека Двејн Вејд неколку пати доаѓал кај нив во студиото за време на изработката. „Секогаш заминуваше многу задоволен. Во последната посета, виде практично се шшто сака да види. Ги направивме сите прилагодувања што ги сакаше“.

Во своето обраќање до присутните навивачи, роднини, пријатели и поранешни соиграчи, Вејд рекол:

„Ова не е ништо од тоа што мислев ќе го искусам, не играв за ова, не го тапкав баскетот за ова. Го тапкав баскетот за да го сменам животот на моето семејство. Татко ми ми даде баскет во рака и јас продолжив зошто сакав да го сменам животот на фамилијата. Никој нема да верува во твојот сон се додека не видат дека работиш на тој сон и на таа верба“.

Во 2006-та година Двејн Вејд со фантастична кошарка го поведе Мајами до првата титула за клубот и градот во НБА. Заедно со Шекил О’Нил доминираа на паркетите а во 2004-та и 2008-ма освои и олимписки злата на Олимписките Игри во Атина и Пекинг.

Во 2012 и 2013 Вејд освои и втора и трета шампионска титула во НБА. Во 2018-та се врати во Мајами Хит по престојот во Чикаго Булс и Кливленд Кавалирс. Во сезоната 2018/2019 стана третиот играч во историјата на НБА на вечната листа со најмалку 20.000 постигнати поени, 5.000 асистенции, 4.000 скока, 1.500 украдени топки, најмалку 800 блокади и најмалку 500 уфрлени шута за три поени.

Во 2020-та Мајами Хит го повлече бројот 3 од употреба во чест на Двејн Вејд а и една улица во непосредна близина на арената на Хит официјално го добила името Двејн Вејн Булевар.

Поранешниот кошаркар беше избран и на листата од 75 најдобри кошаркари во историјата на НБА лигата.

28 октомври 2024 - 08:46