МЗТ триумфално против босанскиот првак

По поразот во Задар, актуелниот македонски шампион стигна до четвртата победа во деветтото коло од Јадранска лига. Во „Борис Трајковски" поразен е стариот должник Игокеа со 90:85 кој минатата сезона два пати славеше над нашиот претставник во АБА лигата.

Аеродромци беа конечно комплетни на еден натпревар затоа што во составот се вратија повредените Никола Оташевиќ и Ѓорѓи Чековски, а тимот на Игокеа допатува во Скопје со двајца довчерашни кошаркари на МЗТ Скопје, Борис Бакиќ и Урош Николиќ кои беа дел од МЗТ минатата сезона.

Воведните 10 минути од натпреварот беа најава дека во „Борис Трајковски" ќе се игра неизвесен натпревар помеѓу минатогодишните шампионите на Македонија и БиХ. Гостите по 3 минути игра имаа 9:4, а првата четвртија ја добија со +1.

Во вториот период со поените на Рејнолдс кошаркарите на МЗТ веднаш го превземаа водството и тргнаа порешително по победа на овој натпревар. Босанците беа во водство само еднаш во 14 минута од +4, а потоа МЗТ ја превзема играта и постојано беше во мала предност која на полувремето изнесување 50:45.

Лучиќ, Стојановски и Гечевски се погрижија за одлично отворање на вториот дел од серија 6:0 за најголемо водство од +11. Водството го одржуваа, но се до последните две минути од третиот период кога концентрацијата им попушти, а Игокеа стигна до -2.

Избраните за Вукоичиќ постојано беа во водство и во последните 10 минути, но не успеваа никако да се одлепат резултатски, а најголемата неизвесност почна на 75 секунди до крајот кога Игокеа стигна до првото израмнување во финалната четвртина.

Но најискусните Чековски и Гечевски постигнаа 4 коша во последната минута која потоа беше тактички прекинувана со многу прекршоци и тајмаути, а МЗТ не ја пропушти значителната победа против шампионот на БиХ од 90:85.

Најпрецизен беше Синовец со 18 поени, Лучиќ и Гечевски постигнаа по 17, а Дамјан Стојановски го заврши мечот со 16 поени.

23 ноември 2013 - 20:57