Со одлична игра во првите три четвртини, МЗТ Скопје дојде и до третата победа на гостувањата кај големите фаворити од АБА лигата. Овој пат во Крешимир Ќосиќ арената беше совладана екипата на Задар, освојувачот на ова натпреварување од 2003-та година.
На овој натпревар само пет кошаркари на МЗТ (Гечевски, Чековски, Бакиќ, Дејвис и Дамјан Стојановски) постигнаа 74 од вкупно 76 поени, а шестиот стрелец Оташевиќ ги постигна неговите единствени два поени во последната минута.
Аеродромци одиграа одлично во првата и во третата четвртина, а на две минути до крајот на третиот период имаа предност и од +23 (39:62).
Домаќините конечно се разиграа во последната четвртина и успеаја да намалат на само четири разлика, но немаа сили за нешто повеќе и МЗТ славеше со 68:76.
На овој натпревар конечно проработе Бакиќ кој со 19 поени беше и најефикасен во редовите на МЗТ. Одличен беше и Чековски со 18 поени и 11 скокови, Гечевски постигна 16, а Дејвис 15 поени.