Лоша вечер во Подгорица за македонскиот претставник во АБА лигата, кој го запиша и вториот пораз во трите натпревари од новата сезона. МЗТ Скопје знаеше и минатата година да загуби повеќе од 20 поени разлика, но не оставаше бледа слика како во почетокот на актуелнава сезона.
Уште во првата четвртина вечерва, Будуќност стави до знаење дека лесно ќе се справи со гостите од Скопје и предводени од Владимир Дашиќ и Дарко Планиниќ, Црногорците водеа 27:18. Аеродромци немаа играч кој можеше да направи разлика во играта, па дефицитот по крајот на првото полувреме изнесуваше 52:40.
Без Грузиецот Ѓеорги Цинцадзе, МЗТ Скопје се потпре на Овен Класен и Александар Цветковиќ, кои не беа доволни да се игра егал со фаворитот за Фајнал форот на Јадранската лига. Третата четвртина заврши 76:53, период во кој Будуќност со 23 поени разлика го реши прашањето на победникот.
Последните 10 минути од мечот донесоа предност од 29 поени разлика за Будуќност (96:69), кои на МЗТ Скопје му го нанесоа најтешкиот пораз во регионалното натпреварување оваа сезона. Александар Цветковиќ беше прв стрелец кај „металците" со 13 коша, а Џордан Демјуник уфрли 10. Будуќност до победата го водеа Владимир Дашиќ (15п) и Чедомир Витковац (14п).
За прв пат во последните три години, МЗТ Скопје паралелно со АБА лигата, ќе игра и во домашното првенство. Според распоредот, во вторник против Фени Индустри во домашното првенство, а во сабота во Јане Сандански доаѓа унгарскиот Шолнок.