По серијата порази во припремниот период и во првото коло од АБА лигата, публиката во „Јане Сандански“ конечно можеше да ужива во добра игра на МЗТ Скопје.
Со течниот напад од самиот старт на натпреварот, МЗТ Скопје поведе 13:6 и разликата од 7 поени после поените на Александар Цветковиќ и Иван Маринковиќ за кратко време стана двоцифрена. Добрата игра во одбраната и успешниот процент во шутот од линијата за слободни фрлања допринесоа „штрковите“ успешно да го затворат првото полувреме (37:26).
Почетокот на вториот дел донесе и најголема серија на гостите од Хрватска кои со 7-0 ја вратија резултатската неизвесност (37:33). Задарци на два пати погодија од линијата за три поени, по што Змаго Сагадин свика тајм-аут, а во игра ги врати Цветковиќ и Џордан Демјуик.
„Штрковите“ повторно како против Мега Визура слабо ја одиграа третата четвртина, во која слабо го бранеа својот кош под кој Задар имаше неколку успешни офанзивни скока.
Играчот кој се најде во тимот на првото коло од Јадранската лига, Марко Симоновски од 6 обиди ја погоди првата тројка во 32’-та минута од натпреварот, во моментите кога МЗТ Скопје се одлепи на 12 разлика која што ја чуваше до крајот на мечот.
Александар Цветковиќ со 16 коша, 4 скока и 3 асистенции беше најзаслужен за триумфот, а голем удел во победата имаа уште и Иван Маринковиќ и Грузиецот Георги Џинџадѕе со 13 поени. Собин со 12 и Бошњак со 11 коша беа први поентери во редовите на Задар.
Аеродромци примија 103 поени во првото коло против Мега Визура, а вечерва само 57, така што одбраната вечерва се одигра на многу повисоко ниво.
МЗТ Скопје во следното коло, во недела гостува во Подгорица (21:00), каде против Будуќност ќе се обиде да стигне до втората победа во сезоната.
Резултати 2. коло АБА лига:
Олимпија - Цедевита 77:67
Цибона - Црвена Звезда 64:88
МЗТ Скопје - Задар 72:58
Цибона - Црвена Звезда 64:88
МЗТ Скопје - Задар 72:58
среда: Игокеа - Будуќност (18:00), Левски - Мега Визура (18:00), Шолнок - Металац (18:00), Партизан - Крка (20:00)