МЗТ солидно го започна натпреварот и не му дозволи на противникот да направи голема предност во првата четвртина во која преовладуваше брза игра.
По првиот период кошаркарите на Будуќност водеа со 22:17, но по седум минути игра во втората четвртина МЗТ постигна само два поени и им дозволи на домаќините да направат двоцифрена предност.
Македонскиот првак се разбуди во последните две минути од првото полувреме и со серија од 11:0 успеа да ја стопи негативата и на полувремето се замина со резултатот 37:32.
Добрата игра на МЗТ продолжи и на почетокот од второто полувреме кога МЗТ успеа да стигне до израмнување (37:37). По рамноправната игра во третата четвртина, Будуќност имаше предност од 55:53.
Резултатската неизвесност продолжи и во последниот период, а на три минути до крајот со тројката на Гечевски, МЗТ успеа да поведе со 64:65.
На две минути до крајот МЗТ беше сериозно оштетен со една судиска одлука со која му беше досудена лична грешка во напад на Чековски. Искусниот Чековски заработи пет лични, па во продолжението МЗТ не можеше да смета на неговите услуги.
Оташевиќ можеше да го реши натпреварот во последната секунда, но во регуларниот дел натпреварот заврши со резултатот 70:70, па дуелот мораше да биде одлучен по продолжение.
Во првото продолжение кошаркарите на МЗТ немаа повеќе сили, но немаа ни спортска среќа, па на крајот загубија со 87:79.
Гечевски со 22 и Чековски со 17 поени беа најдобри кај МЗТ, а најефикасен во домашниот тим беше Витковац со 20 поени.
Следниот викенд МЗТ Скопје ја пречекува екипата на Цедевита.