МЗТ Скопје конечно го разби малерот и влезе во позитивна серија од вкупно две победи во АБА лигата и Еврокупот, но пресметката против силниот руски тим јасно беше дека ќе биде тешка пречка за минување.
Кошаркарите на Уникс Казан кој пред три сезони го освоија ова европско натпреварување влезе во овој дуел како една од трите екипи со максимален учинок од четири победи, а со овој петти триумф уште еднаш покажа дека е фаворит во групата Г.
Вукоичиќ најави дека неговите кошаркари нема да истрчаат со бело знаме на паркетот и дека самиот факт што ќе ги одмерат силите со ваков силен противник ќе биде мотивација за нив. Домаќините уште по првите 10 минути покажаа кој е кој на овој меч по што поведоа со високи 29:13.
Високото водство на домаќинот од околу дваесетина поени разлика траеше постојано во вториот период кој повторно му припадна на Уникс и кој на паузата имаше предност од 48:25.
МЗТ Скопје живна малку во третата четвртина во која успеа да постигне 23 поени, два повеќе од домаќините, но тоа апсолутно не помогна за некаква неизвесност на мечот кој на крајот заврши со висока победа на Уникс Казан од 85:61.
Со двоцифрен број на поени мечот го завршија Дејвис кој имаше 12 и Костовски кој уфрли 10 коша, а далеку под очекувањата одиграа сите останати во тимот.
Следниот предизвик за актуелниот македонски шампион кој го одбележа четвртиот пораз е тимот на Рига од Летонија на 20 ноември, од кој загуби на гости во првото коло.