Кошаркарите на МЗТ Скопје водеа во текот на сите 40 минути, но прокоцкаа високо водство и пропуштија златна шанса да стигнат до првиот гостински триумф оваа сезона. Овој пораз е четврти во низа и вкупно седми во регионалната лига по 11 поминати кола.
Стартот на мечот беше најава дека Металците ќе атакуваат на триумф на гостувањето во БиХ и по три минути имаа предност од 7:3. Во првите 10 минути го диктираа темпото на мечот со мала предност која на крајот од првата четвртина изнесуваше 17:14.
Вториот период беше идеален за нашите кошаркари кои го добија со фантастични 22:7. Доминацијата ја демонстрираа уште на стартот кога благодарение на расположениот Лучиќ стигнаа до првата двоцифрена предност од 10 коша разлика.
Домаќините во период од пет минути беа изгубени на паркетот и не можеа да стигнат до ниту еден поен, а налетот на МЗТ продолжи со серија од 14:0. Полувремето го завршија со високо водство од 39:21.
Комотната предност на Штрковите траеше и во третиот период, но проблемот на константна концентрација како да стана составен дел од нивната игра. На три минути до крајот на третиот период водеа со 15 поени разлика, но ја прокоцкаа на брзина и резултатот по три четвртини игра беше само +6.
Предноста на нашите кошаркари изнесуваше од шест до осум поени во првите пет минути од последните 10 на мечот, но по водството во текот на целиот меч наместо мирна завршница, МЗТ повторно од готово направија вересија и му дозволи на противникот да стигне до израмнување на крајот од 54:54.
Кошаркарите на Широки имаа дури и меч топка во последните 20 секунди, но не успеаа да реализираат и мечот се одлучуваше во продолжение во кое психолошката страна беше на страната на домаќините. Натпреварот се одлучуваше во последните мигови, а Босанците беа поконкретни и триумфираа со 67:63.
Урош Лучиќ беше најпрецизен на мечот со 18 поени, а Гечевски постигна 12 коша.