На почетокот на оваа недела кошаркарите на МЗТ триумфираа кај Унион Олимпија, а денес повторно докажаа дека немаат респект за фаворити. Совладан е вицешампионот од минатата година и екипа која има најголем буџет и важи за еден од најголемите фаворити оваа сезона.
Кошаркарите на МЗТ одиграа дисциплинирано, со мал број на загубени топки и добра реализација и ги искористија грешките и лошата реализација на Цедевита (1 од 12 за 3 поени), со што ја забележаа четвртата победа во АБА лигата.
МЗТ стартуваше фуриозно со 10:0, но гостите до крајот на првиот период намалија на 17:16. Со одлична игра во втората четвртина МЗТ дојде до високо водство на полувремето од 40:26.
По шест минути во вториот дел МЗТ ги имаше и највисоките +15 предност (54:39), но гостите веднаш возвратија со серија од 11:1 и намалија на само -5 (55:50).
Сепак домаќините бргу се вратија во игра и го вратија двоцифреното водство и на крајот ја совладаа Цедевита со 74:61.
Најдобар на паркетот беше Гечевски со 20 поени, 7 скокови и 5 асистенции, Дамјан Стојановски реализираше 17 поени, 7 скокови и 3 украдени топки, а Чековски имаше учинок од 16 поени.
Најефикасен кај Цедевита беше Шупут со 17 поени, а Илиевски постигна само 2 поени.
Во следното коло МЗТ и гостува на екипата на Игокеа.