МЗТ Скопје ја забележа 13-та победа по 25 одиграни натпревари во регионалната кошаркарска лига и на најдобар можен начин се збогуваше со своите навивачи. Македонскиот шампион прослави голема победа против Партизан, најуспешниот клуб во ова натпреварување.
Првата четвртина помина во неизвесна борба на паркетот во која кошаркарите на МЗТ беа за нијанса подобри, а во еден момент имаа и предност од 13:6, а првиот период заврши со резултат 19:17.
Втората четвртина повторно протече со израмнета кош за кош игра, а овој период го одбележа и долгиот прекин заради проблемите со семафорот.
Кошаркарите на МЗТ во првото полувреме постојано беа во предност, но во последната минута Партизан дојде до водство и на полувремето се замина со резултатот 30:31.
На стартот од второто полувреме МЗТ направи серија од 9:0 и поведе со 39:31. Кошаркарите на Партизан доминираа во скок играта и освоија многу топки под кошевите, но МЗТ успеа да го зачува водството до крајот на третата четвртина кога резултатот гласеше 49:47.
Гостите имаа одлична серија на почетокот на последниот период, но МЗТ бргу излезе од криза и покрај 5-та лична на Гечевски и повторно се вратија во водство најавувајќи ја неизвесната завршница по која МЗТ триумфираше со 66:64.
Повторно предводник на МЗТ беше Чековски со 21 поен и 9 скокови, а одличен натпревар одигра и Оташевиќ кој постигна 13 поени, а украде и 4 топки. Во противничкиот тим најефикасен беше Гордон со 18 поени.
Во последното коло од АБА лигата, МЗТ и гостува на екипата на Крка.