Чеди Осман не е баш познато кошаркарско име кај нас, но тој синоќа беше херој на младинското Европско кошаркарско првенство во Грција каде на селекцијата на Турција и ја донесе првата титула во оваа категорија.
Осман го заврши првенството со учинок од 13,7 поени, 4,1 скок и 2,5 асистенции по натпревар, а во финалето против Шпанија кое Турците го добија со 65:57, блесна со 20 поени и 7 скокови.
Бугаринот Александар Везенков беше најефикасен на турнирот со учинок од 19,3 поени, 11,2 скокови и 2,6 асистенции по натпревар, но тренерите најмногу гласови му дадоа на 19 годишниот Чеди Осман кој беше прогласен за МВП.
Шпанците не се прв пат жртва на нашиот натурализиран Турчин кој игра на позиција „еден“ или „два“. Тој ги исплеска и како помлад и тоа на нивни терен пред четири години.
На финалниот меч од турнирот Турција ја совлада Шпанија со 90:86, а Осман беше најкорисен МВП играч со 27 поени и два скока. Во неговата биографија има уште едно злато, а тоа е освојувањето на ланскиот Еврошампионат У18.
Доказ за неговиот талент е и тоа што успеа да влезе помеѓу најдобрите 10 играчи од Европа кои беа одбрани да одиграат натпревар против американска младинска Ол стар екипа во Шарлот пред три години.
Осман почнал да игра кошарка во сараевскиот тим КК Босна, а од 2007 година станал дел од подмладокот на Ефес Пилсен. Турците не се инертни за привлекување младинци како нашите спортски федерации, па откако го виделе неговиот талент веднаш му дале државјанство.
За Чеди Осман допрва ќе се зборува и пишува во Европа. Пред две години тој потпиша договор со првиот тим на 13 кратниот турски првак Ефес, каде пред месец и пол за нов тренер беше назначен славниот Душан Ивковиќ
На првата негова прес конфоренција, поранешниот стратег на Олимпијакос кој стана европски првак со нашиот Перо Антиќ во 2011/2012 изјави.
„Ефес е клуб со големи амбиции и богата историја. Овде има многу млади и надежни кошаркари за кој допрва ќе се слуша, како што е Чеди Осман“.
Нашата златна кошаркарска генерација која стигна до сензационалното четврто место на Евробаскетот во Литванија 2011 година, ја немаме повеќе во националниот тим. Тој почна од ново со голем дел млади играчи.
Младите надежи како Чеди со потелко од Македонија растураат под европските кошеви, но треба некој да ги следи и да ги убеди за да го облечат македонскиот дрес.