Во репрезентацијата од „староседелците" се уште и Симоновски, Костовски, Бојан Трајковски и Дамјан Стојановски. Покрај нив, нови лица се натурализираниот Ричард Хендрикс кој треба да прерасне во лидер на селекцијата составена од млади кошаркари, Стојан Ѓуроски (Луизијана Teч Колеџ), Андреј Магдевски (Реал Мадрид), Љубомир Младеновски и Михајло Арсовски (МЗТ Скопје), Бојан Крстевски (Кавала).
И покрај тоа што беше во составот на претходните натпреварувања, Стојан Ѓуроски доби мала минутажа од Алеш Пипан. Ова треба сериозно да се промени во новата постава, посебно со заминувањето на Чековски и Гечевски, каде што ќе треба да ја пополни празнината под кошевите.
Големи очекувања има и од играчот на Реал Мадрид, Андреј Магдевски, кој по сезоната мината во школата на белградски Партизан, годинава со голем успех заигра во Реал со кого настапи и на младинскиот Ф4 на Евролигата.
Михајло Арсовски е исто така потенцијал кој допрва треба своите неоспорни квалитети да ги докажува и во сениорскиот состав. Член на генерацијата 95. Арсовски своите почетоци ги имаше во Работнички, за подоцна да замине во МЗТ Скопје чијшто член е веќе 2 сезони.
„Овој состав првпат работи заедно и потребно е време да функционира како тим на и надвор од теренот. Голем број од овие кошаркари не беа во претходниот состав кој оствари историски успех и го крена рејтингот на македонската кошарка, така што ќе треба да се формираат нови носители на играта и нов систем," заклучи Џикиќ, кому ова е прво искуство како селектор.
По разделбата со Словенецот Алеш Пипан кој не направи подвиг на ЕП во неговата земја, КФМ овојпат се одлучи за Александар Џикиќ, поранешниот тренер на Олимпија од Љубљана и Крка од Ново Место. Нему му преостанува да го склопи мозаикот и во новиот циклус да се обиде безболно да го направи „резот" на генерацијата. Џикиќ во својата кариера го има водено и тимот на Лијетувас Ритас.
„Ричард Хендрикс е играч кој својата професионална кариера ја градел во клубови каде успешните резултати се императив, така што очекувам да биде потполно подготвен да одговори на сите предизвици и улогата која ќе му биде наменета," изјави селекторот Џикиќ.
Актуелниот состав од 16-ти до 18-ти јули во Охрид ќе одигра пријателски турнир на кои ќе учевствуваат уште Романија, Грузија и Австија. Репрезентативците во Охрид ќе останат до 19 - ти јули по што следува враќање во Скопје каде ги очекува уште еден турнир со поатрактивни противници. Во СЦ „Борис Трајковски" избраниците на Џикиќ ќе ги одмерат силите со Италија, Црна Гора и Полска.
Квалификациите за ЕП почнуваат на 10 - ти август, а Македонија во група е со Данска, Белорусија и Белгија. Токму против Белгијците го отвораме циклусот, на 10 - ти август во Скопје од 20.30 часот.