Актуелниот шампион на Македонија отпатува на гости со речиси загубени шанси за пласман во следната фаза од Евролигата, па така тренерот Влада Вукоичиќ одлучи да ги одмори најискусните Тодор Гечевски и Ѓорги Чековски кои се концентрираат за мечот од АБА лигата против Цибона.
Домаќините тоа одлично го искористија и сосема очекувано ја искористија фаворитската улога. МЗТ успеа да се наметне со игра, но само на стартот од првата четвртина кога имаше предност од шест поени разлика. Потоа Макаби ја презеде играта и по првите 10 минути оствари предност од 21:18.
Израелците го контролираа резултатот и на полувреме имаа водство од 45:37. Тимот од Аеродром се обиде да пружи отпор, но израелскиот шампион едноставно беше посилен противник кој го зголеми водството во третиот период, а на крајот славеше убедливо со 79:60.
Во отсуство на лидерите на МЗТ, најдобар поединец беше Рејнолдс со 20 поени и 9 скока, Лучиќ постигна 15 поени, а Дејвис 11.
Следниот меч за македонскиот претставник на европската сцена е закажан за 4 декември на домашен терен против Банвит од Турција.