Американците, кои на Мундијалот дојдоа без повеќе од 15 планирани играчи, но со респектабилен НБА состав, водеа во поголемиот тек од мечот. На почетокот на втора четвртина имаа дури и 15+, но Турците на крилјата на Охриѓанецот Џеди Осман и Иљасова, херојски се вратија во игра .Резултатскиот егал траеше во текот на цела трета и четврта четвртина.
Во самиот финиш Ерсан Иљасова прво положи за 79:79, а потоа Турците одбранија напад и на другата страна по промашената тројка на Осман, Иљасова од одбојка погоди за 79:81.
САД имаа десетина секунди да организираат напад, но лошо тргнаа и на крајот Џејсон Тејтум од очај се обиде за три поени, промаши но Џеди Осман направи фаул буквално со звукот на сирената.
Во регуларниот дел резултатот беше 81:81 (26:21, 21:21, 18:19, 16:20).
Тејтум погоди само две од трите слободни и мечот отиде во продолженија. Таму на Турција повторно ѝ се укажа шанса да го нокаутира противникот, но Осман промаши две слободни фрлања во самиот финиш на 2,1 секунда до крајот. Поповиќ викна тајм-аут, организираше акција за Крис Мидлтон кој отиде на влез и беше фаулиран. Со две погодени слободни фрлања, на крајот Америка славеше со 93:92.
Најефикасен кај победникот беше Крис Мидлтон со 15 поени, Кемба Вокер уфрли 14 со 7 асистенции и 6 скокови. Џејсон Тејтум имаше дабл-дабл со 11 поени и исто толку скокови а ист учинок имаа и Џо Херис и Мајлс Тарнер.
Кај Турците, Ерсан Иљасова беше лидер со 23 поени и 14 скокови, а Мелих Махмутоглу уфрли 18. Џеди Осман, кој беше трагичар на крајот погоди 15 поени, а натурализираниот Скот Вилбекин 12.
Ова е втора победа на САД во првите 2 кола, но избраниците на Поп и Стив Кер ќе мора сериозно да ја сфатат работата ако сакаат да стигнат до самата завршница. Америка обезбеди пласман во следната фаза, а Турците во директен дуел со Чешка ќе решаваат за својата судбина.