Никси со повреден Кармело и во криза

Њујорк Никс загубија 17 од последните 18 натпревари и продолжуваат да тонат. И покрај повреденото колено, Кармело Ентони, со 30,3 поени во просек на последните 6 средби е најдобриот играч на Њујорк сезонава.

Првата сезона на Фил Џексон како претседател на тимот од Медисон Сквер Гарден стана фијаско од историски размери. Никси се заложници на кризата на која не ѝ се гледа крајот: 27 порази на 32 натпревари, (најмногу во НБА после Филаделфија), најлошиот учинок на франшизата од нејзиното постоење. Против Портланд синоќа Никси го претрпеа осмиот пораз по ред, 101:79.

Њујорк Никс не освоиле титула во НБА повеќе од 40 години. „Навивачите умираат, ние умираме“, изјави Мело Ентони после поразот од Вашингтон за Божиќ. Истиот Кармело Ентони дава 110% од своите можности за да ја поправи ситуацијата во Њујорк. И покрај повредата на левото колено, Кармело нема намера да се предаде, а против Портланд синоќа одигра 19 минути, имаше 13 поени и 5 скока.

„Физички не сум баш најдобар. Не можам да предвидам што ќе се случува, но телото ми кажува дека треба да одморам. Одам ден по ден, натпревар по натпревар и давам сè од себе кога излегувам на теренот. Ако ги немавме сите овие повредени играчи, можеби ќе застанев. Но кога ќе се свртам околу и ќе го видам Џ.Р. Смит во цивилка, Иман Шамперт во одело и сите други повредени во публиката, тешко можам да го оставам тимот на цедило“, изјави Кармело Ентони после поразот од Портланд синоќа.

Кармело летово потпиша нов, 5-годишен договор со Њујорк Никс вреден 124 милиони евра и ако го немаа во ростерот, Никси дефинитивно ќе ја архивираа сезонава како најлоша во нивната историја. Триаголникот во играта, на кој упорно инсистираат Фил Џексон и тренерот Дерек Фишер ниту еднаш не се покажа како прав систем за актуелниот состав.

Во моментов повредени играчи во Њујорк се Андреа Барњани, Иман Шамперт, Амари Стадемаер, Клеантони Ерли и казнетиот Квинси Ејси. Никси се претпоследни на Истокот со 28 порази и само 5 победи сезонава. Следниот натпревар го играат против ЛА Клиперс на 1-ви јануари.

Резултати НБА:

ЛА лејкерс – Феникс 107-116
Портланд – Њујорк 101-79
Денвер – Торонто 102-116
Далас – Оклахома 112-107
Сан Антонио – Хјустон 110-106
Кливленд – Детроит 80-103