Кошаркарите на МЗТ Скопје немаа сили да му се спротистават на најсилниот противник од групата Г и го завршија натпреварувањето во Еврокупот со пораз од 62:88.
МЗТ парираше на почетокот од натпреварот и во неколку наврати беше и во водство, но по првиот период Уникс водеше со 25:29.
Отпорот на МЗТ траеше само една четвртина, а потоа бродот почна да тоне. Втората четвртина гостите од Русија ја добија со 9:23 и на полувремето водеа со 34:52.
Кошаркарите на МЗТ беа натскокани, загубија многу топки во нападот, потфрлија во реализацијата, а гостите им украдоа премногу топки, па Русите рутински го зголемуваа водството. По третиот период водеа со 50:81, а на крајот Уникс Казан триумфираше со 62:88.
МЗТ Скопје на овој начин ја заврши дебитантската сезона во Еврокупот на последната позиција од групата Г со само една победа и девет порази.
Дамјан Стојановски и Иван Маринковиќ со 12 поени беа најефикасни кај МЗТ, а Тодор Гечевски постигна 10. Најефикасен кошаркар на натпреварот беше Гудлок со 19 поени.