Прво една одлична вест пред да се потсетиме на тој момент. И покрај повредата на вчерашниот меч против Италија, Ненад Димитријевиќ се најде во денешниот состав на Македонија која го игра клучниот меч за пласман на Европското првенство.
Селекторот Александар Тодоров е свесен за неговата важност на паркетот и го стави во изборот на 12 кошаркари, што значи нашиот плејмејкер изгледа ќе стисне заби да помогне.
Инаку 22 годишниот Димитријевиќ замина во Шпанија на 14 години и од 2016-та е член на Хувентуд. Беше избран за најдобар македонски кошаркар за 2019-та година, годината кога м го постави на Барселона наградното прашање на „Где је лопта“?
Потегот е спектакуларен во стилот на врвните плејмејкери кои мамат со лажњаци од типот на еден Џејсон Кид.
Она што дава дополнителен шмек во видеото се коментаторите кои паднаа во транс, како и публиката која се држеше за глава.
Димитријевиќ вчера имаше блескава партија против Италијанците и со 22 поени, 7 асистенции и 5 скока беше еден од најзаслужните за големата победа. Плус погоди тројка од пола терен, а режираше и цепелин.
Во 15 часот сите пред телевизор. За пласман на ЕП 2022, бркаме победа од 10 поени разлика против Естонија. Преносот е на Спортклуб 1.