Втори мај 2018 ќе остане запаметен како ден во кој Феникс Санс потпишаа договор со Игор Кокошков, првиот човек надвор од Северна Америка кој ќе предводи НБА лигаш.
ESPN story on the Suns hiring Jazz assistant Igor Kokoskov, the first non North American-born coach in NBA history. https://t.co/4n1MdFrKNB
— Adrian Wojnarowski (@wojespn) May 2, 2018
Кокошков е роден на 17. декември 1971 година во Банатски Брестовец (мало селце со 4.000 мештани во јужен Банат). Игор има српско и американско државјанство (од јуни 2010).
Тренерскиот занает го учел уште од 1992 година кога почнал да ги тренира младинските категории на ОКК Белград и Партизан. Набрзо станал и тренер на првиот тим на ОКК Белград.
За разлика од останатите стручњаци од регионов кој умешноста на балканската кошарка ја ширеа по Европа, Кокошков решил компасот да го сврти кон САД.
Во 2000-та година се сели во Мисури каде темелно ја студирал кошарката. Неговиот талент набрзо го препознале гигантите од НБА па станал помошник на Лос Анџелес Клиперс (од 2000 до 2003) а подоцна патот го водел во Детроит (2003-2008), Феникс (2008-2013), Кливленд Кавалирс (2013-2014), Орландо Меџик (2015) и помошник на Квин Снајдер во Јута Џез (2015-2018). Секаде бил асистент.
Во 2004 година со Детроит се радувал на шампионската титула во НБА како асистент. Од 2004 до 2005 Кокошков му бил помошник на големиот Жељко Обрадовиќ во тогашната репрезентација на Србија и Црна Гора која не се прослави а подоцна самостојно ги водеше Грузија (2008-2015) и Словенија (2016-2017).
Кокошков во Феникс Санс доаѓа наместо Џеј Тријан кој беше в.д. тренер откако франшизата го отпушти Ерл Вотсон после третиот меч сезонава.
Игор станува 19. главен тренер во историјата на Феникс, екипа која сезонава ја заврши со најлош учинок во лигата 21 победа и дури 61 пораз!
Но тоа им пружа шанса на претстојниот драфт да имаат најголеми шанси за првиот пик (25%) или на еден од првите три пика (64,2% шанси).
„Воодушеввени сме што го донесовме Кокошков назад во Аризона како главен тренер на Феникс. Игор низ целата кариера беше пионер на кошарката и му носи големо тренерско искуство на нашиот клуб. Тој беше првиот неамерикански помошен тренер во НБА лигата. Неговите тимови секогаш имаа фокус на развојот на играчи, креативен стил на игра и успеси на сите нивоа“, изјавил по потписот на договорот Рајан Мекдон, Генералниот менаџер на Феникс.