Дончиќ е неприкосновен и стигна до историски 16-ти трипл дабл сезонава

Каде ли му е границата на овој човек? Има 21 година, а веќе е етаблиран во НБА како да ја брои својата десетта сезона. Ни паузи му влијаат, ниту ништо. Алфа и омега е во својот тим.

Далас и Сакраменто синоќа одиграа неизвесен натпревар кој го добија Маверикс во продолженија со 114:110. Најзаслужен за триумфот беше се знае кој. Словенечката млада ѕвезда која растура и воодушевува на паркетот во најелитната кошарка во светот.

Сакраменто беше во водство од 95:89, но кошаркарите на Далас направија серија од 6:0 и го однесоа мечот во продолженија, а кога имаш играч со ваков учинок, тогаш победата е неизбежна.

Внимавајте добро. Лука го заврши мечот со 34 поени, 20 скока и 12 асистенции.

За него ова е 16-ти трипл дабл сезонава, но стана најмлад играч во НБА на кој му успеале вакви бројки. Сега тој е 11-ти играч во историјата со најмалку 30 поени, 20 скока и 10 асистенции, но на листата е најмлад со 21 година и 158 денови.

5 август 2020 - 11:24