Дојде и тој момент - ќе ни фали господин Тим Данкан
Една од најславните кариери во историјата не само на кошарката, туку и на спортот воопшто заврши, откако Тимоти Данкан одлучи дека нема сили за 82 меча и плејоф во една сезона.
НБА и неговите Спарси занемеа кога Тимоти Теодор „Тим“ Данкан одлучи во понеделникот на 11. јули дека толку му е силата и дека ја завршува сјајната кариера која што траеше 19 сезони во текот на кои играше само за една франшиза (стана еден од само четворица играчи во еден ист клуб) а со Сан Антонио Спарс освои дури пет шампионски прстени.
Тимоти Данкан во тандем со легендарниот Грег Поповиќ од Спарси направи состав со најдобар процент на победи и порази во претходните 20 години и од скромната франшиза од Тексас направи династија, само четврта таква во историјата на лигата (Бостон Селтикс, ЛА Лејкерс и Чикаго Булс).
Прстените Данкан ги освојуваше во 1999, 2003, 2005, 2007, 2014.
Крилниот напаѓач на Сан Антонио, Тим Данкан беше избран како прв пик на драфтот во 1997. година. Неверојатно звучи податокот што вели дека ветеранот во сите 19 години играл во плејофот со „Мамузите“. Данкан е единствениот играч во историјата што успеал да освои титули во три различни децении.
Тим е третиот играч во историјата на НБА кој остварил 1000 победи во кариерата и единствениот кој тоа го сторил со само еден тим. Крилниот центар кој сега има 40 години е еден од двајцата играчи во историјата на НБА кои постигнале повеќе од 26.000 поени, 15.000 скокови и 3.000 блокади во кариерата (таков рекорд има уште Карим Абдул-Џабар).
Легендата на НБА два пати беше МВП на регуларниот дел (2002 и 2003), трикратен МВП на плејофот (1999, 2003, 2005), 10 пати беше биран во најдобриот состав на НБА и 15 пати играше на Ол-Стар натпреварите. За 19 години во НБА, Данкан настапил на 1.392 меча во регуларниот тек од сезоната и постигнал 26.496 поени (19 во просек по меч), 15.051 скок (10,8 во просек), 3.020 блокади (2,17) и 4.225 асистенции (3 во просек по меч).
Во плејофот Данкан одигра 251 натпревар, забележа 5.172 поени (20,6 по натпревар), 2.859 скокови (11,4), 568 блокади (2,3) и 764 асистенции (3). Данкан е петти играч во историјата на НБА по количество на блокади, шести по скокови и четиринаесетти по поени. Сан Антонио Спарс заедно со Данкан, Поповиќ, Ману Џинобили и Тони Паркер станаа еден од најуспешните тимови во историјата на американските спортови (575 победи во регуларниот дел од сезоната и 126 триумфи во плејофот со нив во тимот).
Со Спарси Данкан имаше договор до 2017-та, но на крајот од минатата сезона изјави дека сериозно ќе размисли дали ќе ја продолжи кариерата.
Тим Данкан беше играч без дамка во кариерата, човек кој во НБА влезе гласно како прв пик, а замина тивко кога на порталот на Сан Антонио Спарс се појави отворено писмо до јавноста.
Многу анегдоти се поврзани со Тим кој изгради легендарен шут од табла од полу-дистанца на неверојатно ефикасен начин и со текот на времето го доби прекарот „The Big Fundamental", затоа што потегот од табла му беше фундаментален.
Една од анегдотите за Данкан раскажа Итан Томас, поранешен крилен центар на Вашингтон Визардс кој на Фејсбук напиша што муабетел еднаш со Тим за време на мечот.
„Игравме со Спарс и добив топка на пост. Изведов внатрешен ролинг, скокнав и се кренав на „хорог", но тој ме залепи. Додека трчавме на другата средина од теренот ми рече: „Многу добар потег, но мораш посилно да влезеш во моето тело за или да извлечеш фаул или да ме спречиш да те блокирам. Не знаев што да мислам, дали ме зафркава, ме провоцира или што, само го погледнав и реков ОК", пиша Томас на својот Фејсбук профил и додаде:
„Нешто покасно на мечот пак имавме изолација и направив како што ми рече тој, влегов посилно во него и не мораше да ме изблокира. Промашив а тој само ме погледна со насмевка и продолжи да игра како ништо да не било. Се сеќавам дека веднаш го викав другарот Зиј Чилтон и му раскажав за ова. Тим Данкан е искрено еден од најсимпатичните ликови во НБА лигата и секако најдобар крилен центар на сите времиња", го заврши Томас својот пост на Фејсбук.
Ќе остане запаметена и анегдотата поврзана со Данкан која ја раскажа големиот Грег Поповиќ во едно интервју:
„Јас 20 години сум со иста фаца која ништо не открива? Па погледнете го само Тим Данкан. Тој никогаш не го менува изразот на лицето, но може да ве удри ниско со некој од најмудрите коментари на светот. Понекогаш ги собирам во соблекувална и ќе скокнам по него поради слабиот скок, ќе му речам: „Ќе фатиш ти нешто вечерва или не? Ништо не направи"!, а тој по излегување од соблекувалната ми одговара: „Хеј, Поп? - Да? Фала на поддршката". И ќе се врати на терен. Тој е таков, сериозните проблеми ги решава со неприкладни шеги но никој не го доживува на таков начин", раскажа Поп.
Фамозниот шут од табла на Тим Данкан и најдобрите негови 10 потези во кариерата: