Дуелот меѓу Македонија и Грузија веројатно ќе остане запаметен како меч со најдолги серии на двете страни во историјата на едно ЕП.
Иако поведовме први преку Дамјан Стојановски од линијата за слободни фрлања, Грузијците на брзина направија позитива од 7-3. Во продолжение, очајниот шут на нашите кошаркари им овозможи на Грузијците преку Цинцадзе и Пачулија првпат осетно да се одлепат на 17:5.
Без никаква идеја бевме во нападот, каде се форсираше само шут од далечина без никаква реализација. Одбраната делуваше почетнички и секој напад на противникот значеше и лесни поени за Грузија. Како и на претходните три средби, така и вечерва имавме неколку кратки блесоци како серијата од 10-0 кога се вративме во игра и се приближивме на 18:21 (две тројки на Бојан Трајковски). Сепак, Грузија рутински го затвори полувремето со 11 поени позитива (37:48).
Ништо подобро не почна ниту вториот дел, кои Грузијците го отворија со поените на Заза Пачулија и веќе имаа 13 поени предност, резултат кои сигурно ги води во следната фаза. Селекторот Србиновски залудно викаше тајм-аут, затоа што неговите избраници на теренот делуваа како маалски играчи.
Третиот дел го загубивме 18-23 и во тој момент нашите кошаркари полека се предадоа, а Сакашвили, Цинцадзе и Пачулија само го полнеа нашиот кош и Грузија со 71:55 влезе во последните 10 минути. До крајот, Костоски, Илиевски и Бојан Трајковски се обидоа со тројки да обезбедат пристоен пораз, но дебаклот беше неминовен. Иако бевме рамноправни во некои делови од првиот дел, општиот впечаток е дека во моментов местото меѓу најдобрите селекции кои ќе играат во францускиот Лил е многу далеку.
Во однос на статистиката, Грузија имаше 16/31 за два поени и 10/31 за три, додека нашите кошаркари погодија 21/38 за два и 8/16 за три.
Најефикасен кошаркар во победничкиот табор беше Заза Пачулија со дабл-дабл учинок од 23 постигнати поени и уште 13 скока, а Маркоишвили додаде уште 18 поени, додека во репрезентацијата на Македонија како најефикасни завршија Ричард Хендрикс со 14 и Бојан Трајковски со 13 поени.
Утре од 15:00 играме против Словенија, селекција која денес загуби од Грција 83:72. Теоретски и натаму имаме шанси за пласман, но за тоа ќе биде потребно право чудо.