Чековски и Гечевски го растурија Задар

По поразите од Унион Олимпија и Игокеа, кошаркарите на МЗТ ги израдуваа своите навивачи во СЦ Борис Трајковски, совладувајќи го Задар со 94:69 по маестралната партија на Чековски и Гечевски.

Предводени од Чековски кој постигна 29 и Гечевски кој прокнижа 25 поени, МЗТ Скопје по втор пат оваа сезона го совлада поранешниот хрватски шампион Задар.

Со добриот старт МЗТ по 7 минути игра направи предност од 24:10, а на крајот од првата четвртина резултатот гласеше 28:20, но вториот период им припадна на гостите и на паузата се замина со резултато 46:46.

Во третата четвртина со добра игра во одбраната и зголемана ефикасност, МЗТ повторно се врати во водство. Во овој период во ритам влегоа и играчите под обрачите, па Задар немаше решение за Чековски и Гечевски. На крајот македонски шампион прослави висока победа од 94:69.

Покрај нив, во редовите на МЗТ се истакна и Дамјан Стојановски кој постигна 14 поени.

По 23 кола во АБА лигата, МЗТ има 12 победи и 11 порази. Во следното коло МЗТ му гостува на фенерџијата Солнок.

2 март 2013 - 22:47