Работнички фуриозно го почна полуфиналниот дуел и со поените на Ивица Димчевски и Ѓорѓи Чековски стекна двоцифрена предност по првите седум минути, 19:9. Сепак ,финалистот на Купот од 2013. година, Куманово успеа да ја стабилизира играта во одбраната, од која произлезе и подобар напад, по што првата четврина заврши 19:14 за скопскиот состав.
Вториот квартал донесе побрз ритам, во кој Кумановци погодија две тројки по ред (Костоски и капитенот Јанески), по што сините за првпат поведоа со три поени предност 26:29.
Тренерот на Работнички, Марјан Србиновски беше принуден со тајм аут да го прекине налетот на Кумановци, кои на минута пред крајот на првото полувреме водеа 37:33. Центарци немаа решение за Луковиќ кој дури три пати по ред забиваше преку Гечевски и Чековски. По атрактивно забивање, токму високиот центар му донесе два поени предност на Куманово на полувремето, 37:39.
Навивачите на Работнички цели 20 минути чекаа да се разбуди Тодор Гечевски, кој со седум поени го отвори второто полувреме и му донесе предност на тимот од Градски парк, 46:49. Ветеранот искусно го крена својот тим кога најмногу требаше, а поддшрка имаше и од Павковиќ и Јане Петровски кои го однесоа Работнички на +9 (60:51).
Ицрпениот Луковиќ во третата четвртина веќе имаше 17 поени, но освен него Кумановци немаа расположен играч во продолжението од натпреварот и Работнички тоа го искористи на најдобар можен начин. Избраниците на Србиновски во последниот период влегоа со 11 поени предност (62:51).
Се испостави дека третиот период беше клучен за конечниот исход, затоа што скопската екипа тогаш конечно го „скрши“ резултатот. Во последните десет минути Работнички само ја зголемуваше предноста преку сè порасположените Ивица Димчевски и Чековски, а центарци во 34. минута веќе водеа со 16 поени разлика (67:51).
На крајот, рутинска победа на нашиот најтрофеен клуб, кој утре вечер од 20:30 против Кожув ќе игра за осми пехар во најмасовното натпреварување во земјава.
Најефикасни во редовите на Работнички беа Гечевски со 16, Димчевски со 14 и Чековски 13 поени. Кај Куманово, Луковиќ постигна 18, капитенот Јанески 16, а Костоски 13 погодоци.