Куп на Македонија

Аеродром занеме, Кожув го елиминираше МЗТ од Купот

Кошаркарите на Кожув направија големо изненадување на почетокот од 23. издание на Купот на Македонија, откако вечерва го совладаа МЗТ во Скопје 75:74 со тројката на Пековиќ во последната секунда.

Носителот на куп трофејот и домаќин на турнирот годинава, МЗТ Скопје потешко од очекувањата го отвори полуфиналниот меч против Кожув.
 
Гостите од Гевгелија, охрабрени од победата против „металците“ во првенството заиграа без респект и по првите десет минути водеа 16:18. За разлика од прецизниот шут во дербито против Работнички, аеродромци вечерва немаа „мека рака“ и во првата четвртина имаа четири промашувања за три поени.
 
Кожув ја одржуваше предноста од четири поени и во втората четвртина, а МЗТ не му дозволи на гостинот да се одлепи, благодарение на Стефан Синовец, кој по првото полувреме имаше 16 поени (2/2 за три).

На 120 секунди пред крајот од првиот дел, „штрковите“ ги искористија црните минути на Кожув без поен и за прв пат дојдоа во предност после поените на Самарџиски под фаул и тројката на Синовец (32:29). Поповиќ возврати на другата страна, по што домаќините на паузата заминаа со само еден поен предност 35:34.
 
Рамномерно и изедначено се играше и на стартот од второто полувреме, иако МЗТ Скопје го отвори тој период со брзи поени 5:0 и поведе 40:34. Следуваа неколку тројки на двете страни (Шепа, Лучиќ и Синовец), и по 30 минути на семафорот стоеше 59:55.
 
Кожув не се предаваше и со тројката на репрезентативецот Владимир Брчков во 33. минута израмни на 62:62.

Во неизвесна завршница, Филип Шепа загуби топка, а Шеховиќ од контра поентираше под фаул и МЗТ поведе 72:68. Албијаниќ со 13-от поен го доведе Кожув на минус два на 56 секунди пред крајот. По тајм-аутот на Алек Јончевски, Дион Диксон промаши од дистанца за два, а на другата страна Дунџерски од слободни фрлања израмни 72:72.
 
Драмата следуваше на 19 секунди пред крајот, кога Кожув имаше последен напад. Шепа ја поведе акцијата, а Миладин Пековиќ постигна тројка во последната секунда и Кожв славеше 75:74! Гевгеличани за првпат се пласираа во едно финале, каде ќе играат против победникот од дуелот Работнички - Куманово.
 
Најефикасен на мечот беше Стефан Синовец со 27 поени, Самарџиски додаде 13 со 8 скокови. Во победничкиот состав, Брчков го заврши мечот со 14, Албијаниќ со 13, а Пековиќ уфрли 11 поени.
21 февруари 2015 - 18:54