По двете лански победи, кошаркарите на МЗТ Скопје не успеаа да ја продолжат победничката серија против екипата на Цедевита која минатата сезона не можеше да излезе на крај со актуелниот шампион на Македонија.
Со тројката на Тодор Гечевски нашиот претставник во АБА лигата го имаше единственото водство на овој натпревар на кој домаќините ја контролираат играта и го имаа водството во текот на мечот.
Првиот период го добија со 17:12 и во ист стил продолжија и во вторите 10 минути од мечот. МЗТ фати ритам на средината од вториот период и по негативата од 11 поени разлика влезе во серија од 8:0 и ја стопи предноста на домаќинот која на полувремето изнесуваше 37:34.
Цедевита имаше водство и во второто полувреме, а неизвесноста на мечот кошаркарите на МЗТ предводени од најрасположениот Чековски ја вратија на 3 минути до крајот на третиот период кога стигнаа до 46:46. Но завршницата мина во знакот на хрватскиот тим кој направи серија од 9:2 за предност од 59:48.
Во последните 10 минути тимот од Аеродром немаше сили за пресврт, а кошаркарите на Цедевита беа постојано во двоцифрена предност која најмногу изнесуваше +17. На крајот од средбата избраниците на Вукоичиќ стигнаа од -7, но веќе беше предоцна за пресврт.
МЗТ Скопје имаше одличен процент за шут од поле со 64%, дури и повеќе од домаќините кои шутираа со 58%, а тоа беше благодарение на одличниот Ѓорги Чековски кој го заврши мечот како најдобар стрелец со 23 поени и 4 скока.