
Антуелниот претседател Перо Антиќ и идниот Томица Главчев, се сретнаа во Куќата на кошарката.
Антиќ му посака среќа и му даде поддршка на Главчев за кој рече дека е вистинскиот избор за напредокот на кошарката на Македонија.
„Ми претставува особена чест и задоволство што денеска го пречекав идниот претседател на Кошаркарската Федерација која беше мојот дом во изминатите шест години. Мојот пријател Томица ја има мојата апсолутна поддршка и верувам дека тој е вистинскиот избор за напредокот на кошарката во Македонија. На новиот Претседател му посакувам среќа и успешна работа во години што следат“, рече Антиќ
Инаку Томица Главчев е единствениот кандидат за избор на нов Претседател на вонредната седница на Собранието на КФСМ, закажана за денеска со почеток од 16:00 часот.
Тој влезе како кандидат во последен момент, додека поранешниот репрезентативец, Младен Ѓуроски, кој изминативе месеци фигурираше како наследник на Антиќ, ќе биде спортски директор.
Главчев е бизнисмен и творец на чудото наречено Блокотехна, еден од двата македонски клубови со меѓународен трофеј, тоа е во Балканската лига (БИБЛ), која ја освои во 2019-та.
Тој и претходно беше дел од макбаскетот, како помагател на МЗТ Скопје во времето кога овој тим почна да доминира и да игра во АБА лигата, а е еден од ретките во Македонија кој може да се пофали дека бил дел од спонзорскиот тим на поранешниот европски шампион, Партизан.
Во новата управата на федерацијата се споменува дека ќе бидат и легендите Врбица Стефанов, Петар Наумоски и Владо Илиевски.
Перо Антиќ заминува од КФМ по шест години откако во 2019-та дојде на местото на Петар Наумоски.
Антиќ беше на чело на македонската кошарка шест години. Дојде на местото во 2019 година, каде го замени Петар Наумоски.