
Во петок во Евролига се среќаваат двата поранешни тимови на Перо Антиќ кој очајно сака да летне од САД и да ги гледа во живо.
„Тоа што ќе се случува во Арена човек не може да го опише со зборови, туку мора да го доживее. Тоа ќе биде прв од двата спектакли оваа сезона. Другиот е закажан во Атина. Тие кои знаат за што зборам, само треба да влезат во сала, да седнат, да пејат и да уживаат. Го гледав мечот против Валенсија, таков амбиент, поддршка...страшно. Да се наежиш. Да бев некаде во Европа и да можев да земам два слободни дена, ќе се седнев во авин и ќе отидев. Ништо не би ме спречило да присуствувам на тој меч. И сега размислувам како да го изведам тоа, ама за жал не е можно.“
За него на оваа средба нема да има победници и поразени.
„Навивачите се најубавиот спектакл кој Европа ќе го доживее. Само би седел на трибина и би уживал во секој момент. Резултатот не ми е воопшто важен. Нема да се нервирам, да викам и да кршам како и обично. За жал сè уште не сум ја почувствувал атмосферата во Арена, но тоа е помалку важно. Двете навивачки групи се фантастични и ги сакаат клубовите повеќе од себе. Нема шанси да ги делам, ги сакам подеднакво. Не можеш да делиш љубов спрема браќа“
Дресот на Црвена Звезда, Антиќ го носеше во периодот од 2005 до 2007 година и го освои купот на Србија и Црна Гора. Пред да замине во НБА, со Олимпијакос стигна до најголемиот успех во Европа, а тоа се две титули во Евролигата по ред.
„Тоа беа преубави години во кои стекнав пријателства за цел живот. Тоа е непроценливо. Со двата тима имаше успони и падови, беспарица...Но кога играш за така големи клубови со неверојатни навивачи, сè останато е помалку важно. Секој си ги сака своите пари, тоа е природно, но сепак за да бидеш потполно среќен понекогаш мора да го слушаш срцето“,вели Антиќ во интервју за Журнал.