Група анти-ваксери организирале протест во знак на поддршка и солидарност со Кајри Ирвинг. Пред арената „Барклајс Центар“ стотина поддржувачи на кошаркарот се обиделе да влезат во Арената и да направат прекин.
Плејмејкерот на Бруклин Нетс со тоа што упорно одбиваше вакцина поради што не може да игра и ќе изгуби најмалку 20-ина милиони долари, сега е непосреден лидер на сите противници на вакцинација за Ковид-19.
На мечот меѓу Бруклин Нетс и Шарлот Хорнетс во неделата вечер, учесниците на протестот барале да се укине задолжителна вакцинација во Њујорк и секаде на други места каде што е воведена („no vaccine mandate“) и друго, да му се дозволи на Кајри да игра за Бруклин („let Kyrie play“).
Нетс веќе одиграа 3 меча досега сезонава, а претседателот на клубот, еден од со-основачите на гигантот Alibaba, Џозеф Цаи со управата решија да го суспендираат Кајри се додека не се вакцинира.
Тој не тренира со соиграчите и нема право да игра натпревари, не само домашни како што е наложено во Њујорк за невакцинирани во затворен простор, туку Нетс решија да не го водат ниту на гостински средби кај што би можел да игра.
29-годишниот сјаен дриблер е шампион од Олимписките игри во Рио и тој следната година би можел да остане без договор доколку Бруклин Нетс решат да бараат раскин на договорот на штета на играчот.