Еден од двата лидери на ЛА Лејкерс и еден од најдобрите играчи во НБА, Ентони Дејвис одигра 23 од 28 меча сезонава и речиси пред секој натпревар неговото презиме е на списокот неизвесни играчи за настап.
Во последната недела Дејвис пропушти два меча, а на последниот дуел против Нагетс доживеа повреда на местото кое подолго време го мачи и која е стандардна повреда за кошаркарите - Ахиловата тетива.
Сјајната ѕвезда на Лејкерс помина само 14 минути на паркетот и беше приморан да го напушти теренот поради повреда. Инсајдерот на ESPN, Едријан Воџнаровски соопшти дека Дејвис ја обновил повредата на Ахиловата тетива.
Во ситуација кога Лејкерс доминира по НБА салите, Дејвис ќе мора да пропушти минимум 2-3 недели а веројатно и месец можеби и повеќе, доколку „езерџиите“ не сакаат уште еден ровит играч пред плејофот. По сè изгледа 27-годишниот суперстар нема да игра ниту на Ол-Стар мечот.
Навивачите на ЛА Лејкерс се прашуваат зошто тренерот пушта во игра ровит играч со болна Ахилова тетива? Но во случајот на Дејвис нема прав одговор затоа што тој постојано има проблем на исто место. На секој меч и на секој тренинг.
Има две верзии за тежината на повредата на суперстарот. Од една страна е официјалната, онаа која ја пренесоа од клубот и љубителите на НБА, а од друга страна е изјавата на самиот Дејвис на прес-конференцијата после мечот со Денвер.
Верзијата за повредата на која укажува медицинскиот тим на ЛА Лејкерс е од многу посложен карактер и не наговестува ништо добро за високиот крилен центар.
Лекарите сметаат дека состојбата на Ахиловата тетива може да стане хронична и дека треба да се дозира напорот на телото. За нормално лекување и опоравување понекогаш треба од 3 до 6 месеци кои професионален спортист ги нема во време на сезона.
Ова не е прва повреда на Дејвис во делот од телото под појасот и тоа се објаснува со огромниот товар за неговите нозе и особено најосетливиот дел - Ахиловата тетива. Замислете каков притисок на најслабиот дел од телото врши висина од 208 сантиметри и габарит од 115 килограми.
Ентони Дејвис би морал да паузира од 3 до 6 месеци, а последен подолг одмор му беше оној по последниот меч од финалето кога станаа шампиони лани (11 октомври 2020-та година) до првиот натпревар од новата сезона 2020/2021 (71 ден пауза).
Треба да се има предвид дека Ентони Дејвис минатата сезона севкупно со се плејофот, одиграл 83 натпревари. Тој никогаш не изгледал така свежо и физички спремен како лани но првпат во кариерата одиграл толку натпревари во една сезона како лани.