Новата сезона од 13 издание на јадранската АБА лига во која учествуваат најквалитетните кошаркарски екипи од бившите југословенски простори може да започне. Во одбрана на трофејот тргнува тимот на Партизан кој е шесткратен шампион на ова натпреварување.
Најмногу претставници во АБА лигата, вкупно четири ќе има Србија (Партизан, Црвена Ѕвезда, Раднички и Мега Визура), Хрватска со три (Цедевита, Цибона и Задар), Босна и Херцеговина (Широки и Игокеа) и Словенија (Унион Олимпија и Крка) по два и Македонија (МЗТ Скопје), Црна Гора (Будуќност) и Унгарија (Солнок) по еден.
Најголеми шанси за освојување на титулата според светската обложувалница „bwin" има Црвена Ѕвезда со коефициент 2.85, втор е Партизан со 3.85, а нашиот претставник МЗТ е претпоследен фаворит за титулата со коефициент 201.
Во новата сезона во АБА лигата има нови правила усвоени од ФИБА. При досудена техничка грешка наместо две ќе се изведува само по едно слободно фрлање, времето за повторен напад при погоден обрач наместо 24 ќе трае 14 секунди и во полукругот под кошевите нема да се судат лични грешки, освен намерните.
За оваа сезона најавено е дека освојувачот на АБА лигата и првопласираниот во лигашкиот дел ќе обезбедат учество во Евролигата. Доколку тоа е истата екипа, тогаш второпласираниот од табелата ќе стане учесник во најелтното клупско натпреварување. Третопласираниот тим место во Евролигата ќе брка преку квалификации, а четири екипи ќе обезбедат место во Еврокупот.