Рудолф Стинер во минатото бил член на комисијата на УЕФА за борба против наместени натпревари и германската телевизија АРД со него направи интервју во рамките на нивната документарна емисија за обложувачката мафија во фудбалот.
Стинер тврди дека за неколку натпревари од Лига Европа имал информации дека ќе завршат со необични резултати, а помеѓу нив бил и дуелот помеѓу Марибор и Клуб Бриж на кој Словенците прокоцкаа предност од 3:0 и во последните 20 минути загубија со 4:3. Друг сомнителен натпревар е и оној помеѓу Рапид од Виена и албанскиот клуб Влазнија која заврши со резултатот 5:0.
„Годишно се местат стотина фудбалски натпревари. Фудбалската мафија има центри по целиот свет, од Сингапур, преку Скопје и Загреб, до балтичките земји и Русија, а некои натпревари се одржуваат и фиктивно, само колку да се свртат пари во кладилниците", изјави Стинер.
Според Стинер, главниот центар на фудбалската мафија се наоѓа во Азија и таму се вртат огромни суми на пари на натпревари за кои во фудбалскиот свет нема голем интерес. Главниот проблем на овие лиги и натпреварувања е што спортистите имаат мали плати и со нечесна работа и неколку грешки на теренот тие имаат шанса да заработат многу поголеми пари од нивните примања.