Кладилниците во Британија се вбројуваат помеѓу поголемите индустрии и тие годишно прават обрт од 9 милијарди долари. Со цел да привлечат нови корисници, тие се приморани да ги прошируваат понудите. Некои од нив ги охрабруваат кладилничарите сами да предложат некоја опклада за која тие подоцна ќе им понудат коефициенти.
Главен настан за кладилниците ова лето се Олимписките игри. Тие ќе понудат 11.000 различни опклади во сите 26 спортови, но и малку поинакви опклади надвор од регуларната понуда.
Веќе пишувавме за најбизарната опклада со коефициент 1001 за тоа дали за време на церемонијата за отворањето на Олимписките игри над стадионот да се појави неидентификуван летечки објект.
Но тоа не е се. За коефициент 250 можете да се кладите дека на сите тимови ќе им падне штафетата на финалето од трката на 4х400 метри, а коефициентот е 100 на тоа дека градоначалникот на Лондон, Борис Џонсон ќе си ја запали косата со олимпискиот пламен.
Ако им верувате на метереолозите, тогаш би можеле да заработите на некоја од „метереолошките" опклади. За опкладата дека ќе врне секој ден на Олимписките игри од 27 јули до 12 август, коефициентот е 50.
Лудоста на британските обложувалници оди до таму што можете да се кладите дали ќе снема кондоми во олимпиското село или дали некој од британските спортисти ќе биде фотографиран како јаде Биг Мек од Мекдоналдс.
Една од пореалните опклади е онаа со коефициент 10 дека сообраќајот во Лондон ќе доживее колапс за време на Олимписките игри заради штрајк на подземната железница.