Ќе се појави ли НЛО на отворањето на ОИ во Лондон?

Целиот свет е луд по кладење, но во тоа се истакнуваат Британците. За нив е мала понудата од спортските натпревари, па кладилниците им нудат да стават пари и на специјални кладби како на пример дали за време на церемонијата за отворањето на Олимписките Игри во Лондон ќе се појави НЛО.

Верувате во вонземјани? Дали мислите дека е можно за време на церемонијата за отворањето на Олимписките Игри во Лондон 2012 над стадионот да се појави неидентификуван летечки објект? Ако на овие прашања одговоривте со „ДА", тогаш еве ви шанса да освоите многу пари.

Најпознатата британска обложувалница, Вилијам Хил за ова понуди коефициент 1001. Тоа значи дека ако вложите едно евро и ако портпаролот на Кралските водухопловни сили потврди дека на 27 јули 2012 над Олимпискиот стадион во Лондон се појави НЛО, вие ќе добиете 1001 евро.

Тоа е само мал дел од специјалните понуди на Вилијам Хил. Помеѓу понудите за најниска или највисока измерена температура во Британија, се истакнува понудата со коефициент 101 за тоа дека во Лондон ќе биде до толку ладно што ѕвоното на Биг Бен ќе замрзне и нема да може да отчука.

Коефициентот за наоѓање на доказ дека чудовиштето од Лох Нес навистина постои е 334, а поверојатно е дека ќе се најде доказ за Јети, за што коефициентот изнесува 101.

Елвис е жив?
Покрај оние „понормалните" кладби како за полот и името на детето на принцот Вилијам или дали жена му Кејт ќе се породи со царски рез, лудоста на Британците оди до таму што тие можат да се кладат за тоа дали Елвис Присли е жив. Опцијата за тоа дека ФБИ со анализа на ДНК ќе потврди дека Елвис Присли е жив, има коефициент 501.

21 март 2012 - 12:11