За цели 11 години во најдобрата лига на светот, Жилберт Аренас само од договори заработил повеќе од 160 милиони долари. Но приказната која што ја раскажа пред некој ден нема цена.
На својот Инстаграм профил, поранешниот кошаркар на Голден Стејт, Вашингтон Визардс, Орландо, Мемфис и Шангај сподели тотално надреална сторија.
Тој на 12 мај годинава отишол да пополни лист за лотарија на една бензинска пумпа во близина на неговиот дом. Редовно играл лотарија. Додека чекал на семафор, му пришол еден бездомник и му побарал пари.
Аренас во џеб имал само 10 долари зошто дома го заборавил новчаникот, а сакал тие 10 долари да ги уплати на лотарија.
„Знаеш, можам да ти дадам само пет долари, а другите пет да ги уплатам за лотарија. Просјакот тогаш ми рече да ги задржам сите пари и ако добијам, да му дадам 20 долари тогаш. Ми рече дека е сигурен дека ќе освојам“, ја раскажува несекојдневната случка Аренас.
Тој не стигнал на време да уплати но:
„Следното утро добив СМС порака дека сум освоил 300.000 долари. Прво мислев дека е лажна порака. Газдата на пумпата ги играл моите броеви кога видел дека ме нема на време. Дојдов до пумпата и газдата ме чекаше насмеан“, продолжува 38-годишниот кошаркар кој дури 3 пати учествуваше на Ол-Стар меч.
Како што ја земал исплатата, веднаш тргнал да го бара бездомникот.
„Морав да го најдам. Го чекав да се појави на истото место каде што се сретнавме. Ме испогушка, плачеше и почна да се моли. Неговото срце ги донесе парите“, заклучува Аренас но не открива колку пари му дал на бездомникот.