Манчестер Јунајтед има очајна сезона по заминувањето на Алекс Фергусон и назначувањето на Дејвид Мојс како негов заменик. Клубот кој порано владееше во Англија и Европа, откако пристигна Мојс има 22 победи, 9 нерешени и 11 порази.
Челниците на Манчестер Јунајтед на неколку наврати потенцираа дека ќе му дадат доволно време на Мојс, но по последниот пораз од Олимпијакос и опасноста од неуспех и во Лигата на шампиони, се поставува прашањето уште колку трпение тие имаат.
Ако им се верува на кладилниците, трпението на Манчестер Јунајтед нема да трае уште долго. Пред синоќешниот дуел со Олимпијакос, коефициентот на опкладата дека Дејвид Мојс ќе биде следниот менаџер од Премиер лигата кој ќе добие отказ беше 26, но по поразот коефициент почна да паѓа.
Големите уплати преку ноќ ги натераа букмејкерите да го намалат коефициентот од 26 на 11, а утринава коефициентот продолжи вртоглаво да паѓа. Во моментов коефициентот на Дејвид Мојс како прв следен менаџер од Премиер лигата кој ќе заработи отказ изнесува само 1,72.
Следен на листата за отказ е тренерот на ВБА, Пепе Мел за кого коефициентот е 3,3. Најмали шанси за отказ имаат Мурињо (126), Пелегрини (126), Роџерс (151) и Венгер (151).