Деветтото издание на Купот на конфедерациите организиран од ФИФА ќе се одржи од 15 до 30 јуни во Бразил. Домаќините, најверојатно заради предноста на домашниот терен, се главни фаворити за освојување на титулата според кладилниците.
Коефициентот за 4-от трофеј на Бразилците од ова натпреварување изнесува 2,4. Веднаш зад нив е европскиот и светски шампион, репрезентацијата на Шпанија со коефициент 2,65.
Следи Италија со коефиециент 7, Уругвај 11, Мексико 13, Нигерија 26, Јапонија 34, а најголем аутсајдер е Тахити со коефициент 1501.
За прв пат на еден голем интернационален турнир ќе се употребува и новата технологија на гол-линијата, па можете да се кладите и на тоа дека на натпреварувањето ќе има барем еден спорен гол за кој ќе треба да одлучува технологијата. Коефициентот за оваа опција е 1,73.
Најновото засилување на Барселона, Бразилецот Нејмар допрва треба да се докажува интернационално, па многумина очекуваат дека ова ќе биде моментот кога тој ќе блесне. Според кладилниците, тој е најголем фаворит за да биде најдобар стрелец на Купот на конфедерациите со коефициент 7. Зад него е Уругваецот Луис Суарез со 9, а коефициентот на Шпанецот Давид Виља изнесува 10.