Спорната ситуација се случи во судиското продолжение од мечот меѓу ПСЖ и Њукасл при резултат 0:1, кој можеше да им го загрози патот на Мбапе и другарите до осминафинале.
Со рака во шеснаесетник играше Ливраменто, по што судијата гледаше ВАР снимка, по која го досуди пеналот во 98-ма минута, а Мбапе го реализираше за конечни 1:1.
Марчињак гестикулира дека имало играње со рака, но заборави едно правило на УЕФА кое е многу јасно. Пенал се суди кога топката директно ќе ја удри играч со рака, а не беше така во случајов.
„Топката прво го удри во градите, а потоа го удри во рака. Мислам дека и неговата рака беше во природна положба. Тој трчаше. Ова е лоша одлука“, изјави стратегот на Њукасл, Еди Хоу.
Големиот судиски превид го потврди и долгогодишниот судија Марк Клатенбург.
„Ако топката удри во телото на играчот и потоа се одбие од дел од неговата рака, не може да стане збор за пенал бидејќи фудбалерот немал време да реагира по одбивањето. Имаше таква ситуација во второто полувреме кога топката го удри Мајли, ВАР-собата не реагираше, па навистина не знам зошто се јавија во судиското продолжение за иста случка. Исто така, му покажаа на Марчињак само еден агол од ситуацијата, да ја покажеа и камерата од зад голот што сите ја видовме во тв преносот ќе беше уште поочигледно дека Ливраменто нема друг начин да реагира, а движењето на рацете му е сосема нормално“, објасни Клатенбург.
Во Англија се бесни на одлуката, а реагираа и Алан Ширер и Гери Линекер.