Пусти трибини на фудбал во Италија

Сезоната која до пред само неколку недели важеше за најинтересна во Серија А во последните неколку години, полека стивна во сенка на сериозниот замав кој го прави коронавирусот. Фудбал час се игра, час не се игра, а гледалиштата сурово празни.

Во Италија веќе неколку недели владее паника. Според последните информации во изминатите денови биле регистрирани 1.326 нови случаеви на зараза од коронавирус и дури 133 смртни случаи.

Во саботата вечер владата на Италија донесе одлука за суров карантин за неколку области меѓу кои и Ломбардија (во неа се Милано и Бергамо).

После тоа премиерот на Италја одговорил на прашањето кое ги интересирало сите: дали тоа ќе влијае на Серија А. Се одлучи сезоната да продолжи но без гледачи (така решија минатата недела).

После ова, претседателот на Асоцијацијата на фудбалери во Италија, некогашниот играч на Рома Дамиано Томази барал стопирање на првенството и апелирал до играчите да не истрчуваат викендов на терен. Добил поддршка и од министерот за спорт Винченцо Спадафора кој во меѓувреме го критикуваше и Горан Пандев „зошто се гушкал со соиграчите при прославата на голот“. Нивната позиција е спортистите да не се подвргнуваат на ризик. Ниту пак луѓето кои работат на натпреварите.

Во таков амбиент се одигра 27. коло

ПАРМА - СПАЛ

Иако малку фалеше да не стартува колото, затоа што играчите на Парма и СПАЛ се вратија во соблекувалните на препорака на официјалните лица, па неколку минути траела дискусија дали да се игра или не. На крајот со задоцнување од 45 минути мечот почна.

На култниот „Енио Тардини“ немаше гледачи но не беше во целост пусто. Колку толку значеше присуството на персоналот задолжен за здравјето на играчите, работниците од телевизиите, судиите, камерманите.

Без своите навивачи особено тешко им беше на домаќините. Парма, која изненадно се бори за еврокупови, сосема неочекувано изгуби од СПАЛ кој е претпоследен во Серија А.

„Како би било со гледачи, никогаш нема да дознаеме, но пред екраните изгледаше доволно досадно. Ситуацијата не ја спаси ни тоа што често го слушавме познатиот италијански речник“, така го опишаа мечот Парма - СПАЛ некои новинари.

МИЛАН - ЏЕНОВА

Не МУ беше лесно ни НА Милан. Исто и на „Сан Сиро“ неочекувана победа на аутсајдер над тимот кој се бори за пласман во Лига Европа. Стрелец на еден од злато вредните голови за гостите - нашиот Горан Пандев и тоа уште во 7’ минута.

На стадионот „тук и таму“ по некој пожарникар, некој новинар, редари и децата кои го држеа рекламното пано на Серија А Тим.

Кадри кои не оставија впечаток дека се игра меч од лига во Топ3 на светот. Како некој тренинг:

САМПДОРИЈА - ВЕРОНА

Оние кои ги пуштале на стадион, детално биле проверувани на коронавирус. На секој морале да му измерат температура. Сампдорија ја победи Верона на домашен терен и малку од малку живна над зоната за испаѓање на табелата.

УДИНЕЗЕ - ФИОРЕНТИНА

Маски, топломери, санитајзери на рацете, па дури тогаш во прес-ложа за новинарите. Ваква беше атмосферата во Удине каде нашиот Илија Несторовски доигра 62’ минута за Удинезе, доби жолт картон уште во 15’ минута па подоцна беше заменет со Кевин Лазања.

Трибините на некои стадиони ги украсиле со знамиња, а новинарите и по некој редар не комуницирале многу меѓу себе како една од мерките за заштита од вирусот

ЈУВЕНТУС - ИНТЕР

Најголемиот натпревар сезонава во Серија А, своевидна борба за скудетото, се одигра исто во штама и молк. Претставниците на Серија А до последно бараа и вршеа притисок до владата на Италија мечот да се игра со гледачи, но не наидоа на позитивен одговор.

Дербито се одигра без гледачи и строги инструкции.

„Држете растојание. Не приближувајте се еден до друг поблизу од 1 метар“.

Пусти беа и ходниците на стадионот во Торино каде Кристијано Роналдо и другарите обично ги чекаат стотици навивачи и новинари.

Ромелу Лукаку првпат во кариерата играше пред празни трибини

Кристијано Роналдо направи мала шега во тунелот од подтрибинскиот простор кога симулираше дека се поздравува со замислени навивачи од страна, а после аплаудираше и на трибините како да има луѓе.

Еден од најдобрите фудбалер на сите времиња го одигра јубилејниот 1.000 меч во кариерата. На 11 натпревари по ред во Италија постигна гол, а синоќа не успеа да го урне рекордот со гол на 12-ти меч едно по друго.

Неговиот Јувентус славеше со 2-0 и одново ја поведе трката во борбата за титулата. Според препораките, играчите на двата тима не се ракуваа пред мечот како мерка против ширење на коронавирусот:

ШТО И КАКО ПОНАТАМУ?

Серија А донесе одлука натпреварите од одложеното претходно коло да се одиграат овој викенд и така сега се помести секое наредно коло, но во текот на оваа недела може да има нови промени.

Одлуките кои се носат се привремени, на определено време поради неизвесноста со епидемијата на вирусот.

Министерот за спорт ја обвини Серија А дека е неодговорна:

„Да се играат натпревари е целосно неодговорна одлука на Лига и на нејзиниот претседател Дал Пино. Во светот на фудбалот мислат дека за нив не важат никакви правила“, рекол Винцечно Спадафора кој меѓудругото го критикуваше и нашиот Горан Пандев, стрелец на гол против Милан дека се прегрнувал со играчите при прослава на погодокот.

Во вторник ќе заседава Собранието во Италија на кој ќе падне збор и за фудбалот. Новинарот Николо Шира сподели инсајдер дека најверојатно Серија А ќе има уште една пауза, до 3. април.